МВР: Закани, фалсификување, возење без лиценца

Сподели

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.И.(40) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста”. На 30.01.2025 во угостителски објект во Дебар, пријавениот барал пари и упатувал закани кон сопственикот.  

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ќ.Д.(28) од Пехчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. На 14.11.2024, по претходна расправија, пријавениот му го опожарил возилото на Д.Б.(50) од Пехчево.

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Ф.(57) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Во седум наврати во текот на 2023, 2024 и 2025 година, пријавениот противзаконски изведувал огномети на подрачјето на Штип. Имено, тој до СВР Штип доставувал известувања за огнометите на кои се потпишувал и употребувал печати од две правни лица од Штип, во кои претходно бил управител, а кои биле избришани од Централниот регистар во 2016, односно во 2018 година. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.А.(20) од с.Дорфулија, општина Лозово и П.Б.(36) од с.Банско, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вонбрачен живот со дете“. Во периодот од јануари до април 2025 година, првопријавениот во семејна куќа во с.Дорфулија живеел со малолетничка во вонбрачна заедница. Додека, второпријавениот, татко на детето, не презел мерки за да ја спречи, туку ја прифатил и одобрил вонбрачната заедница. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Р.(40) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 26.03.2024 во Битола, полициски службеници извршиле контрола на товарно возило „ман“, управувано од пријавениот, а сопственост на правно лице од с.Милетино, општина Брвеница, кое било натоварено со огревно дрво. При контролата било констатирано дека се вршел јавен превоз на стока без поседување соодветна лиценца за вршење на превоз, издадена од надлежен орган.  

На 18/19.05.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Х.(22), Е.А.(40), З.Д.(32), Н.Л.(37), Б.М.(44) и еден малолетник, сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

На 18.05.2025 во 14.50 часот на Граничниот премин Блато, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода  Х.Л.(46) од Република Албанија затоа што при гранична контрола кај него се пронајдени и одземени два куршуми. Известен е јавен обвинител, а лицето е предадено на полициски службеници од Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Дебар за понатамошна постапка. 

На 18.05.2025 во 23.50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Б.(44) од Република Албанија, постапувајќи по претходна пријава дека околу 23.30 часот на подрачјето на Гази Баба, со употреба на физичка сила, оштетил две патнички возила „ауди“ и „фолксваген кеди“, двете со скопски регистарски ознаки, во сопственост на С.А.(59) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.05.2025 во 22.05 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 21.40 часот во аптека на подрачјето на Бит Пазар, едно лице со закана со остар предмет кон вработената одзел пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 18.05.2025 во 21.35 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во угостителски објект во нас.Лисиче, скопско. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат. Притоа, поради изгореница на раката и вдишување на чад, сопственикот на објектот Ф.Д.(32) е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување на лекарска помош. Извршен е увид. 

На 18.05.2025 во 10.20 часот во СВР Скопје, од Казнено поправна установа Затвор Идризово е пријавено дека осуденикот С.У. со стаклен предмет е повреден во установата и се здобил со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 18.05.2025 во 17.30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Р.И.(32) и А.М.(30), двајцата од Скопје. Тие се сомничат дека во периодот од 15.05.2025  до 18.05.2025 на подрачјето на Шуто Оризари во Скопје одзеле патничко возило „фолксваген голф“ со струмички регистарски ознаки, сопственост Н.Д.(60) од Струмица, кое претходно било паркирано  од нејзиниот син М.Д. (38) од Струмица.  По документирање на случајот ќе следуваат соодветени поднесоци од член 42 од Кривичниот законик.