МВР Започна идентификацијата на лицата осомничени за инцидентите во Крушево

Сподели

Во врска со инцидентот кој се случи на 2 август 2018 година, при прославата на Илинден на Мечкин Камен, а со цел вистинито и непристрасно информирање на македонската јавност, Министерството за внатрешни работи соопштува за детали поврзани со превземените мерки и активности.

Поточно, имајќи ги предвид оперативните сознанија и информации добиени од службите на министерството, формиран е Командно оперативен штаб со задача за организација и координација на безбедносните активности поврзани со обезбедување на гостите, поканети на прославата. Со оглед на тоа дека постоеа информации за групирање и тенденциозно дејствување на одредени групи, а со намера нарушување на јавниот ред и мир, се донесе одлука за ангажирање на 180 припадници на униформираната полиција, 70 полициски службеници во цивилна облека, 120 припадници на Одделот за специјални полициски операции и 10 полициски службеници од Одделот за заштита на одредени личности и објекти.

Ангажираните полициски службеници беа распоредени на неколку микро локации, согласно однапред утврден план за нивно поставување и дејствување. Главната задача на полициските сили е да дејствуваат во насока на превенирање на нарушување на јавниот ред и мир, а доколку се случат инциденти да се дејствува со намера групите да бидат потиснати и да биде оневозможено ескалирање на ситуацијата. Токму затоа, и дел од припадниците на специјалните полициски сили беа ангажирани за обезбедување на делегацијата на Владата на Република Македонија и преставници на други земји, и истите беа облечени во цивилна облека. Дополнително, за обезбедување на внатрешниот параметар на патеката по која се движеа делегациите беа ангажирани и припадници на Посебните единици на полицијата, од кои 30 беа во цивилна облека, а 10 во полициска униформа.

Во текот на движењето на владината делегација имаше обиди за приближување на одредени групи и нарушување на безбедниот периметар на движење, кои заради реакцијата на припадниците на полициските сили беа оневозможени. Во два наврати кон делегацијата беа фрлени пластични шишиња, и истите беа одбиени од страна на  припадниците на МВР. За време на движењето, кон делегацијата беа упатени вербални напади и зборови со говор на омраза.

И покрај тоа што целта на организираните групи беше нарушување на јавниот ред и мир, дејствувањето на полициските сили во насока на неутрализација и изолирање на групите овозможи да не дојде до физички контакт или евентуално ескалирање на обидите во нереди.

Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе продолжи со активности кои имаат за цел гарантирање на јавниот ред и мир и упатува порака до групите да не превземаат дејствија против сигурноста и безбедноста на државата и граѓаните.