МЗ: Престанете да ја замајувате јавноста со непостоечки скандали

Сподели

 

Министерството за здравство категорично ги демантира и осудува пласирањата на лажните документи кои опозицијата и медиуми блиски до нив ги прикажуваат дека се составен дел од процесот за набавка на вакцини против Ковид 19. ВМРО ДПМНЕ свесно сака политички да профитира по цена да се наруши договорот за набавка на вакцини и по цена на здравјето на граѓаните. На помош на опозициската партија се и некои медиуми кои единствено од за нив разбирливи причини објавија таканаречен документ, кој е лажен, на ниту еден начин не е поврзан со процесот за набавка на вакцини, како што сакаат да и прикажат на јавноста. Во тој нивни „доказ“ се спомнува сума која е лажна иако сакаат да ја прикажат како цена за купување на вакцини. Партијата ВМРО ДПМНЕ и медиуми блиски до нив сакаат да одржат во живот афера која не постои, сакаат да пласираат во јавноста криминал кој не постои, сакаат да спречат Владата и Министерството за здравство да купат вакцини против Ковид 19. И ВМРО ДПМНЕ и медиуми блиски до нив многу добро знаат дека процесите за набавка на вакцини се доверливи, посебно цените на вакцините тоа е глобална политика на сите производители, но и покрај тоа свесно се обидуваат преку лажни информации да наведат дека, од една доверлива постапка излегуваат податоци и документи во јавност. Уште еднаш Министерството за здравство демантира дека документот и сумата наведена во истиот се поврзани со набавка на вакцини, потенцираме дека станува збор за лажен податок.  

Провизиите на ВМРО ДПМНЕ се дел од кривични постапки, кои се во тек, набавките во нивно време имаа заштитен знак „фантом фирми и провизии“. Министерството за здравство го цени истражувачкото и критичко новинарство, тоа е двигател на секое демократско општeство, но го осудува пласирањето на лажни информации. Укажуваме дека за функционално демократско општество подеднаква е одговорноста и на државните институции и на медиумите.