Со новиот закон за фитофармација што е усвоен од Владата, се забранува продавање на опасни хемикалии, кои се користат како фитофармацевтски производи во земјоделските аптеки, односно отровите што се фрлаат на бездомните и другите кучиња и мачки, – порачаа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„На овој начин се става ред во слободната трговија на ЛАНЕТЕ и други пестициди со кои се трујат домашните миленичиња и бездомните животни“, соопштија од МЗШВ.
Според соопштението, по стапувањето на сила на законот ќе биде дозволена употреба на живи организми во борба со болести и штетници, како што се инсекти и други животни кои се хранат со штетниците на растенијата, а при тоа не ја загрозуваат животната средина.
Притоа, дополнително се регулира работењето на земјоделските аптеки и се воспоставува законски основ за континуирано следење на безбедноста на храната и храната за животни во целосен ланец во растителното производство. За првпат се спроведува сертификација, обука и полагање на државен испит на советниците и лицата вработени во земјоделските аптеки, со што се гарантира стручноста на кадарот, тврдат од министерството за новиот закон за фитофармација.