Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе направи ревизија на сите договори за закуп на државно земјоделско земјиште, склучени во 2016 година и во периодот пред тоа, а резултатите од анализата ќе бидат соопштени до крајот на годинава, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Министерот рече дека постојат сознанија за направени злоупотреби и дека со анализата ќе бидат опфатени околу 7.000 договори. Првите резултати ќе бидат презентирани кон крајот на декември годинава.
-” Променет е планот за внатрешната ревизија и дадени се сите овластувања од моја страна. Направени се сите неопходни состаноци за најтранспарентно да се одвива оваа активност. Според тоа што досега ме информираа, ќе биде спроведена длабинска и опсежна активност која ќе почне со ревизија на последните огласи “– рече Николовски, додавајќи дека веќе е почната постапка и за раскинување договори за илјадници хектари поради тоа што со години не е плаќан надомест за закуп.
Според податоците на Агенцијата за катастар за недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на државата изнесува 170.000 хектари, од кои под закуп се 100.000 хектари.