На 198 во УЈП се пријавуваат неправилностите за МојДДВ

Сподели

 

Од 1 јули 2019 година, кога почна примената на мерката МојДДВ односно повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ, неиздавање фискални сметки и неможност за нивно скенирање, се најчестите неправилности кои граѓаните ги пријавиле на дежурниот број 198 во УЈП.

Најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини маркети, колонијални продавници, фризерски студија и друго.

Некои правни лица се пријавувани и по повеќе пати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки, соопшти УЈП.

Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар и Чаир.

Се почести се јавувањата за купување од продавници кои своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.

Согласно пријавите и по службена должност, ќе бидат спроведени интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен, информираат од УЈП.