Случајот „Тенк“ на СЈО, за „мерцедесот“ од 600.000 евра, официјално оди на судење. Од СЈО за „Мета“ потврдија дека добиле известување од Кривичниот суд дека советот за оценка на обвинителен акт го одобрил предметот и дал зелено светло тој да оди на судење.
Одлуката била донесена пред два дена, на 27. ноември, а Судот дополнително треба да утврди датум и да го распредели предметот кај судија што ќе го суди.
Случајот „Тенк“ се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и началникот за јавни набавки, Ѓоко Поповски, со што му нанеле штета на државниот буџет.
Апелацискиот суд претходно одлучи „бомбите“, односно прислушуваните разговори за купувањето на луксузниот „мерцедес“ од повеќе од половина милон евра, да бидат дел од доказниот материјал во судењето за случајот „Тенк“.
На седницата и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, побара „бомбите“ да не бидат користени како докази со образложение дека ѝ била нарушена приватноста. Таа се бранеше со цитирање пресуди на Европскиот суд за човекови права.