Дали сте слушнале за пријателство кое трае речиси еден век во Македонија? Дали знаете дека можеби во с.Конче живеат најстарите луѓе? Ова е приказна токму за нив – за дедо Ристо и дедо Алекса.

Ристо Стојанов ќе полни 93 години (р.1933г.), додека неговиот верен другар Алекса Тодоров следниот јуни ќе има 90 години (р.1936г.). Двајцата се пензионери повеќе од 25 години. А освен тоа што се верни другари, тие се и први братучеди: Коце таткото на Ристо и Дана мајката на Алекса биле брат и сестра. Дедо Алекса е најмал, а имал три поголеми сестри, додека Дедо Ристо имал две сестри и еден брат.
Во овој крај луѓето се познати по надимаци кои дури се и наследни. Па така Ристо го викаат и “Коцирката” (по татко му Коце). Алекса пак, го знаат како “Дранде” (прекар кој го добил татко му бидејќи само кажувал, прикажувал и раскажувал, не давал на друг муабет да каже).

Дедо Ристо е воедно и најстариот гајдаџија во нашата прекрасна Македонија. Свири од својата 12 година, има учествувано на многу, навистина многу натпревари, манифестации и фестивали од 1951 година па наваму. И двајцата биле членови на селскиот колектив кој содржел играорна група и оркестар во 50-те години од тој период. Инаку дедо Алекса важи за хроничар од овој регион, нема што не знае, а меморијата супер го служи.

Ако сакате да го прашате за некој стар (речиси изумрен) занает, тој ќе ви го објасни во детали целиот процес на работа т.е. како од влакното на овцата ќе добиете волнени чорапи – со помош на стрижење, миење, предење на волна на вретено, па на преѓа, сновење, се до ткаење на дрвен разбој. Или да го прашате за некое подзаборавено јадење од богатата македонска кујна (во минатото најчесто јаделе посно, додека на празници како Велигден и Божиќ се мрсело). Кашата од брашно (Манте) била редовна на менито, а се состоела од брашно, вода, црвен пипер, масло и јајце, а можеби и некоја пиперка. Лажицата играла голема улога во тоа време…Омилени биле манџичките а, со нив одело и нешто красато (кисело).
Порано работното време траело со денови (не работеле од 8 до 16 часот) туку на полето останувале од понеделник до сабота и најчесто конзумирале жетварска салата која содржи: оцет, лук, краставици и вода со сол. А штом веќе ви ја спомне жетвата, Алекса нема да заборави да ви прикаже и за жетварските песни кои тогаш ги пееле жените по полето (една водела, две ја прателе), вели: “како звонци милозвучно да звонат – тоа е звукот кој од страна со мерак го слушаш”.
Со храната оди и пијалокот, па освен изворска вода, летниот период вареле и ракија од горници (тоа е овошје кое е помало од круша), но и од шеќерна трска правеле ракија и маџун (ама таа ракија го дерела грлото). Вино правеле од лозјето кое го имале. И нормално сето тоа било органско, непрскано, здраво и вкусно.

Одгледувале и афион (попладне го режеле, а следното сабајле го собирале катранот). Алекса со гордост кажува дека првите заработени пари им биле од афионот. Чисто за споредба: во тоа време 1 јајце чинело динар ипол!
Од земјоделски производи бобот (грав) и компирот биле најзастапени продукти кои ги обработувале на земјата но, жнееле и сусам, вршеле просо, саделе сончоглед, р”ж , јачмен, пченица – да имало храна и за стоката и за луѓето,
Дедо Алекса вели: “на секое долче и ридче имаше стока и човекот работеше, сега од зелено-златни полиња само црнила од колектори гледаме”. Тој ќе ви го раскаже и целиот процес како од зрно се добива леб, како се собира мед од планинските пчели, за животните кои секогаш биле пријатели со луѓето, за безброј знајни и незнајни стари македонски народни приказни (на пр. “Зошто кучето брка зајак“?..и сл.), за временските појави и долго очекуваниот дожд во летниот период кај тутунарите, за обичаите, за луѓето, за карактерите, за среќата и тагата (кои одат рака под рака), за спомените од скоро едно столетие …само прашајте и веднаш ќе ви каже.
Ќе ви раскаже и за детството и младоста, а кога зборува за нив се случува магија, очите веднаш му се расветлуваат, се полнат со некоја сила и светат како рефлектори на сцена, а со зборовите ќе те однесе и тебе таму (филмски како да те телепортира)…во минатото каде иако немале многу, всушност имале многу повеќе од колку што може еден кантар да измери…Ќе се чудите на нивните уникатни топки за играње кои биле направени од чорап полнет со партали или пак на помалите топчиња оформени од остатоците од влакна (по чешлањето на воловите) намокрени со малку вода…за безгрижните детски игри кои траеле од мугри до зајдисонце во кругот на црквата Св. Стефан (која датира од 14-ти век).

Дедо Алекса ми кажа дека припаѓа на првата генерација која завршила осмолетка (до тогаш училиштето во селото им било до 4-то одделение). Спомени безброј стуткани на сигурно во неговата глава и срце (места кои собираат многу повеќе меморија од колку било кое модерно УСБ). Да ви кажам и дека дедо Алекса до шесто одделение бил Александар, ама бидејќи името му се видело многу долго за потпишување, во консултација со локалниот матичар Јован (според правилата и законите во тогашното време на таа Југославија) можел да се “ослободи’ од три согласки, па така од Александар станал Алекса. До заминување во војска и тој се дружел со музиката свирејќи на кавал и кларинет. Потоа чувал 20-30 овци, крави, ѕевгар волови со кои работел по нивите, а со коњ одел да собира дрва. Иако видот го напуштил веќе извесен период, сепак толку свежи и колоритни му се сеќавањата за секој еден од ова село, па и подалеку во Општината Конче.
По глас (звук) ве препознава за да ве поздрави и веднаш ќе ви дари некоја досетка, ум, носталгија или пак совет кои долго ќе ги паметите… Е тој Алекса има и фамилија, од деца има 4 сина и 1 ќерка, внуци, правнуци, (некои преселени во Америка, Швајцарија, Австрија, Словенија, Бугарија, по школи, по работа, мал дел останале тука во неговото Конче). Најверен секогаш до него е песот Шарко (барем последниве 5 години) кој по мирис ќе го надушка каде и да замине и ќе го најде дури и во најдалечната куќа. Од луѓето пак, најверен пријател му е дедо Ристо (кој патем речиси и не слуша воопшто, а свири на гајда од душа и со полно срце), ама ете тие двајца се разбираат и кога молчат, душите им зборуваат се уште за убави работи, да помогнат некому, да насмеат некого – нели смеењето е лек, а во денешно време луѓето заборавија да се смеат, особено искрено и не на вулгарности, туку така од ќеф, од душа па и на очите солзи да ти дојдат ама од радост…
Нивното пријателство е уникатно, нешто кое за жал во денешно време не постои, опстојало и низ војни, земјотреси, поплави, суши, пожари, свадби, крштевки, дипломи, војски, безпарица, болести (тифус), погреби… Опстојало и кога нозете не го издржувале товарот, опстојало и кога слухот, видот па и говорот (поради недостаток од заби) откажале… Пријателство кое опстојало и кога партиите ги скараа семејствата и луѓето, опстојало и не дозволиле ниту жена, ниту маж да ги раскара… Пријателство кое се уште опстојува, пријателство кое не го уништило ништо – е за тоа пријателство ви пишувам…од ендемски вид, а е пред исчезнување.
Дедо Ристо има четири сина, и тој има внуци и правнуци кои за среќа се’ уште се во Македонија (дел од нив се во Штип, а останатите во Конче). Ристо како млад бил измеќар кај други, едно време работел и во тукашниот рудник, ама и тој најмногу се бавел со земјоделие. На нивниот селски пазар го паметат и по најголемата тиква одгледана на ова поднебје, а и денес во неговиот двор си има мала бавчичка со чушки и френки (пиперки и домати) која сам си ја одгледува. За најстариот жив гајдаџија државава наша не се сетила, а камо ли признание да даде…
Џабе се постхумни хвалоспеви и именување на улици… Дајте им благодарница на луѓето додека се живи, бидејќи од гроб никој не се радува! Да истраеш да си чесен скоро еден век – па и за тоа би дала награда и тоа за храброст да одржуваш пријателство без никаков интерес деведесет и кусур години! Тоа се убавите работи, но на кратко ќе ви спомнам и за тие другите… ама бидете без гајле бидејќи и тие имаат среќен крај.
Дедо Ристо носел стар рачен часовник на кој му престанала батеријата. Замолил некој од соселаните да им го даде во локалната продавница со цел да му ја променат батеријата. И оттогаш поминало многу време кое за жал не можел да го измери на часовникот кој никогаш не му го вратиле. Но, благодарение на неговиот другар Алекса (кој се уште го носи со себе информативниот дух од времето кога работел во Милиција) ги известува своите нови пријатели (кои патем не се локалци од овој крај) за немилата случка на дедо Ристо, а тие одлучуваат да му купат нов саат со големи бројки на кој до денес тој знае колку е часот.
И уште нешто. Пред извесен период на дедо Ристо (кој пеш оди до другите села како Лубница и Дедино) за да им посвири со својата гајда на некоја селска, верска или празнична прослава му се случи повторно да го измамат, ветувајќи му дека ќе му ја поправат старата гајда, ја продаваат на некој друг… Благодарение на безусловното чисто пријателство, верниот пријател Алекса повторно не дозволува да оболи од жал неговиот другар Ристо поради ујдурмата којашто му ја направиле и го оставиле без неговата гајда (а, со која го поминува секој ден од столетието) најде начин како да ја спаси ситуацијата. Ама за спасувачката мисија повторно од добрите луѓе (нивните нови пријатели од случката со часовникот) кои направија дедо Ристо да добие нова гајда изработена од еден од најдобрите мајстори од Прилеп, во некое следно писание…
Продукција Златен Заб
