Со дефинирање на нападите врз новинарите како напади врз службени лица, министерот за правда Бојан Маричиќ, посочи дека ќе се зголеми безбедноста на новинарите, снимателите и фоторепортерите.
„Во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на здруженијата на новинари, чии претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик“, кажа Маричиќ.
Министерот посочи дека со овие законски измени сакаат да покажат дека имаат нема да се толерираат било какви обиди за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.
„Ставаме крај за можноста за едни минати пракси на некзанивост за насилствата врз новинарите. Пракси кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционалната одмазда поради професионално вршење на својата работа“, додаде министерот.
Преку имплементација на Истанбулската конвенција, законски се допрецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела кои досега кај нас не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади.
„Со новото дело „Демнење” предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто. Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”, потенцираше Маричиќ.
Министерот на прес-конференцијата објави и измени на Законот за граѓанска одговорност, со кој значително се намалува висината на казните кои медиумите и новинарите би ја платиле како оштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.