Насилство, измама и злоупотреба на лични податоци

Сподели

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.И.(21) од Дебар и Д.М.(25) од с.Требиште, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет  на наркотични  дроги, психотропни супстанци  и  прекурзори“. На 01.05.2025 првопријавениот му продал марихуана на второпријавениот, која била пронајдена и одземена.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.К.(44) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 27.01.2025 во Скопје, пријавениот агресивно се однесувал и не почитувал наредба на полициските службеници, по што со патничко возило „фолксваген поло“, кое го управувал, удрил полициски службеник и му нанел повреда.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Љ.(45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“ и против Р.А.(27) и Ш.Е.(35), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“. Во февруари 2025 година, првопријавениот со прикажување невистинити факти дека поседува фирма која врши транспорт на возила од странство и ја средува целокупната документација за царинење на возилото до регистрација, се договорил со лице од тетовско за одредена сума да му транспортира патничко возило од Швајцарија. После тоа, оштетениот во два наврати преку брз трансфер на пари ја пуштил договорената сума на друго лице од тетовско, по што второ и третопријавениот, како вработени во правното лице за брз трансфер на пари, ги пренасочиле трансакциите на сметка на првопријавениот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.M.(59) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на 2024 година, пријавениот довел во заблуда две лица од Тетово со ветување дека ќе им отвори фирма во странска држава, за што им наплатил 11.000 евра за наводно средување на документи.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ш.(34) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 27.05.2025 во угостителски објект во Тетово, по претходна расправија, пријавениот физички нападнал едно лице, при што употребил нож и му нанел убодни рани.  

На 10/11.08.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.А.(37) од с.Сарај, скопско, Ј.Ј. (28) од с.Батинци, скопско, Ф.В.(24) и В.Б.(49), двајцата од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 10.08.2025 во 21:30 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на ул.„Љубица Богеска“ во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген туран“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.З.(49) од Кичево и електричен тротинет управуван од 13-годишен малолетник од Кичево. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Медицинскиот центар Кичево. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на ОВР Кичево.

На 10.08.2025 во 11:25 часот на Граничниот премин Блато, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода А.Ш.(35) од Р.Албанија, затоа што при гранична контрола е констатирано дека евидира со мерка „апси“ по барање на Интерпол Германија.  Лицето е предадено на полициски службеници од Полициска станица Дебар за понатамошна постапка.

На 10.08.2025 во 17:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на автопатот Скопје- Велес, после клучка Хиподром, 67-годишниот Б.Г. управувајќи патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, излетал од коловозот и удрил во сообраќаен знак. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Б.Г., констатирани во приватна болница во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

На 10.08.2025 околу 23:00 часот  во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Хасан Приштина“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од T.С.(35) од Скопје и мотоцикл „априлија“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од З.Н.(19) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот З.Н., додека со телесни повреди неговиот сопатник А.П.(18) и возачот на патничкото возило Т.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

На 10.08.2025 во 19:20 часот во СВР Битола е пријавено дека на регионалниот пат Р-2333 Битола-Драгош, на крстосница за с.Барешани, додека 30-годишниот Р.М. од с.Острец, битолско, управувал трактор „тафе“ со приколка, неговата сопатничка У.М.(29) од истото село, паднала од тракторот, при што се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.

СВР Охрид  поднесе кривична пријава против Д.Л.(51) од охридското село Пештани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „симнување или оштетување на службен печат или знак“ по член 389 од Кривичниот законик. Тој, во текот на 2024 година, на катастарска парцела во Пештани, изведувал градежни работи без да поседува соодветна документација, што било констатирано од извршен инспекциски надзор од овластен градежен инспектор  при општина Охрид, кој на пријавениот му доставил решение за отстранување на градбата, на градилиштето поставил службена лента за затворање на градилиштето и службен знак со податоци за негово затварање. При дополнително извршена контрола било констатирано дека пријавениот самоволно ги отстранил службената лента и табла и на почетокот на годинава, продолжил со градба. 

На 10.08.2025 во ОВР Радовиш е пријавено дека околу 08:30 часот во с.Ракитец, радовишко, по претходна расправија, во двор од куќа бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.С. (30) и М.С. (27) од с.Ракитец од една страна и Д.И. (67) и Т.И. (69) од истото село, од друга страна. При тоа биле употребени и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (11.08.2025) во 00:50 часот во СВР Струмица, М.М. (42) од с.Просениково, струмичко, пријави дека на 10.08.2025 околу 19:20 часот во с.Муртино, струмичко, бил физички нападнат од Т.П. од с.Муртино. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.08.2025 во 20:10 часот во ОВР Гевгелија, Р.Ј. (46) од Богданци пријави дека на 10.08.2025 околу 16:30 часот во Богданци, бил физички нападнат од Ѓ.Б. од Богданци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.08.2025 во 23:40 часот во СВР Штип, Р.Т. (21) од Битола пријави дека околу 22:00 часот на ул.„Сремски фронт“ во Штип, бил физички нападнат од Д.Б. од Штип, со која претходно бил во љубовна врска. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (11.08.2025) во СВР Штип е пријавено дека околу 00:10 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Штип, Б.Б. (19) од Штип се обидел физички да го нападне Р.Т. (21) од Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.08.2025 во 14:30 часот во СВР Скопје, Д.Х.(54) од Скопје пријави дека на 09.08.2025 околу 22:30 часот на трим патека на подрачје на Кисела Вода во Скопје, неговиот 14-годишен син, додека бил со неговиот брат и другарка, по претходна расправија, бил физички нападнат од повеќе малолетници, кои ги познава и кои носеле и метални предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот

Нa 10.08.2025 во 16:50 часот во СВР Скопје, Р.З.(36) од Скопје пријави дека околу 16:30 часот, во семејниот двор на подрачјето на Драчево, скопско, бил физички нападнат од неговиот сосед С.Б.(55). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (11.08.2025) во 02:45 часот во СВР Скопје, Д.С.(21) од Скопје пријави дека на 10.08.2025 околу 20:30 часот пред трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје, бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.08.2025 околу 21:20 часот во СВР Скопје, Ш.Ј.(26) од с.Крушопек, општина Сарај, пријави дека на паркинг простор пред угостителски објект во с.Лака, скопско,  неговото паркирано патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки било оштетено од неколку проектили од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 10.08.2025 во 23:44 часот во СВР Скопје од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“- Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.М.(54) од Скопје. Според пријавеното, со повредите се здобил околу 22:50 часот кога во дворот на семејниот дом во Скопје бил нападнат од две лица, кои му се заканувале со пиштол, а потоа и физички го нападнале. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

извор/фото МВР