„Двојно убиство во Куманово, сопругот си ја убил сопругата и нејзината мајка , а потоа се самоубил.“ „Масакрирана жена со 40 убоди од нож убиена од страна на нејзиниот поранешен партнер пред прагот на својата куќа во Кочани.“
Ова се насловите во медиумите за убиствата кои само за еден месец се случија во Македонија. Три фемициди извршени на свиреп начин, на кои им претходело долгогодишно семејно насилство кое било пријавувано во полиција.
Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуство на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж, а жртвата е секогаш жена. Анализата на Националната мрежа покажа дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата. Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот. Овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита. Со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство.
БАРАМЕ од Основното Јавно Обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, и при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство. Согласно ова, БАРАМЕ ОДРЕДУВАЊЕ НА НАЈВИСОКА КАЗНА ЗА СТОРИТЕЛОТ.
Понатаму, БАРАМЕ да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на 3 жени. По спроведената постапка за утврдување на одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани.
На крај, сакаме да потенцираме дека само преку воспоставување на функционален систем на заштита од насилство врз жени и семејно насилство, почитување на основниот принцип на Истанбулската Конвенција – Должно Внимание во неговата вистинска смисла, и соодветно казнување на сторителите може да превенираме идни случаи на родово базирано насилство, и фемицид како негова најекстремна форма. Дополнително, правосудните органи неопходно е да покажат поголема сензибилизираност и разбирање на проблемот и ваквиот вид на кривични дела, а со крајна цел: правилна квалификација на делата, соодветен третман на жртвите во самите постапки, како и построга казнена политика за насилниците.