НБРМ ја повлекува банкнотата од 5.000 денари, а ќе пушти во оптек нова од 2.000 денари

Сподели

banknota

Во соопштението објавено од НБРМ стои дека на 15 декември, Народна банка ќе пушти во оптек две нови книжни пари во апоени од 200 и од 2.000 денари, а ќе ја повлече банкнотата од 5.000 денари.

Оваа одлука била усвоена на седницата на советот на Народна банка, а, како што велат, произлегла од потребата за „ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.“

Во врска со повлекувањето на петилјадарката, Народна банка соопшти дека нивната примена во секојдневните трансакции била незначителна, не е прифатена од пошироката јавност заради нејзината номинална вредност, а од неа немале голема потреба ниту банките. Наместо низ годините во оптек да се зголемува количеството на овие банкноти, тоа постојано опаѓало.

Воведувањето на двата нови апоени од 200 и од 2.000 денари, пак, е прва промена што се спроведува по период од 20 години.

„Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и на анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“, соопшти НБРМ.