Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) – Македонија објави повик за нова генерација граѓански организации.
Една од главните цели на овој проект е зајакнување на постојните капацитети на граѓанските организации во областите на законодавно застапување и на лобирање, надзор на јавни политики, како и за помагање во изградбата на коалиции помеѓу невладиниот сектор и пратениците.
Програмата ќе почне со реализација во септември 2016 година и ќе биде со траење од две години. НДИ ќе обезбеди стручна, материјална и техничка поддршка за избраните организации.
Граѓанските организации заинтересирани за учество во оваа програма треба да испратат мотивациско писмо (писмо на намери) најдоцна до 19 август 2016 година, во кое ќе ја опишат својата организација и нејзините активности, но и ќе дадат кусо објаснување за нацрт-предлогот за законодавна иницијатива што сакаат да ја спроведат. Покрај ова, апликацијата треба да содржи и кратко портфолио за нивната работа (листа на претходно реализирани проекти) со објаснување за поврзаноста помеѓу досегашните активности и предложената иницијатива.
Апликациите треба да се испратат по електронски пат на: ndimacedonia@ndi.org.
По повеќегодишно успешно спроведување, Институтот со средства од УСАИД сака да ја прошири оваа програма. Оттаму велат дека приоритет при селекцијата би имале иницијативи поврзани со интеграцијата на Македонија во ЕУ, вклучувајќи области како демократски развој, човекови права, слобода на изразување, еднакви можности и вклученост, социјална политика, образование, млади и животна средина.