„Народно движење за Македонија изразува крајна вчудоневиденост од вчерашната најава на Заев при промовирањето на неговата програма дека ќе ги испитува само случаи како што се Дива Населба, Сопот, Бродец… а за кои се заинтересирани од ДУИ со оглед дека македонските Албанци немале верба во македонското правосудство.
Оттука. НДМ го повикува Зоран Заев да ја прошири и надгради својата програма со ветување дека ќе ги расчисти случаите за кои се заинтересирани и Македонците како што се Карпалак, Вејце и Љуботенски пат, а во кој бранителите беа пратени во заседа и мораа да загинат во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
Дотолку повеќе, овие случаи и понатаму остануваат мистерија бидејќи ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага за да утврди што точно се случи со загинувањето на бранителите кај Карпалак, Вејце и Љуботенски пат, во едни од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја од страна на терористичката ОНА, сега камуфлирана во политичката партија ДУИ.
НДМ повикува на одговорно однесување и силно го охрабрува Заев да вети дека ќе ги отвори и Карпалак, Вејце и Љуботенски пат како случаи кои се од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите туку и за Република Македонија, бидејќи, не можеме да гледаме напред во иднината доколку минатото и понатаму не прогонува и контроверзната загуба на македонските бранители останува неразјаснета“, се вели во соопштението на НДМ.