Недела на турскиот филм во Скопје

Сподели

Во текот на предвидената недела ќе се одржат проекции на пет успешни филма на турската кинематографија, направени во последните неколку години, истакна генералниот уметнички координатор Онер Килич

Од 10. до 14. мај, во Скопје, во организација на Министерството за култура и туризам на Турција, а со поддршка на Асоцијацијата на локална мисла, турската владина агенција за Соработка и координација (ТИКА) и Институтот „Јунус Емре“, ќе се одржи „Неделата на турскиот филм“, јавува Anadolu Agency (AA).

Генералниот уметнички координатор на „Неделата на турскиот филм во Скопје“, Онер Килич, во изјава за АА рече дека планираниот настан, кој требаше да се одржи од 19. до 23. април, поместен е за периодот од 10. до 14. мај, како што истакна тој, поради презафатеноста на кино-салите во Скопје за првично планираниот термин.

Во текот на предвидената недела ќе се одржат проекции на пет успешни филма на турската кинематографија, направени во последните неколку години, пренесува Килич.

„Исто така, во рамките на оваа недела, по филмските проекции ќе се одржуваат и средби меѓу уметниците и публиката. Ќе бидат организирани и панел-дискусии на темата ‘Турски филм’ на универзитетите, заедно со режисери и актери“, вели тој.

Килич додаде дека во текот на овој настан, режисерите, актерите и продуцентите кои доаѓаат од Турција, ќе се сретнат со македонските филмски уметници, при што ќе имаат можност да разговараат за заеднички продукции кои би се оствариле во иднина.

За време на предвидената недела, љубителите на филмот ќе имаат можност да ги гледаат филмовите: „Uzun Hikâye“ (Долга приказна), „Annemin Yarası“ (Раната на мајка ми), „Çanakkale Yolun Sonu“ (Крајот на патот – Чанакале), „Çakallarla Dans 4“ (Танц со лисиците – 4) и „Elveda Katya“ (Збогум Катја).

На овој настан ќе присуствуваат главниот советник на претседателот на Турција и поранешен министер за култура и туризам, Јалчин Топчу, пратеник за градот Орду на Партијата за правда и развој (АК партија), Метин Ѓундогду, режисер на филмот „Долга приказна“, Осман Синав, режисерот на „Крајот на патот – Чанакале“, Кемал Узун, режисер на „Танц со лисиците – 4“, Мурат Шеќер и актерката од истиот филм, Дерја Шенсој, режисер на „Збогум Катја“, Ахмет Сонмез, актер во Државните театри во Турција, Тургај Килич, продуцентот Ахмет Едебали, како и генералниот уметнички координатор на „Неделата на турскиот филм во Скопје“, Онер Килич.