Национална галерија на Македонија, Мала станица, “Еха од иднината”, Изложба на Страхил Птеровски, на 24. октомври
– Она што се гледа/слуша е само ехо на човекот во урбаниот свет –
“Најновиот мултидисциплинарен проект на македонскиот визуелен уметник Страхил Петровски нуди толкувања на размислите кои се однесуваат на секојдневниот живот, притоа поставувајќи се себе си во позиција на критичар на реалноста на современото општество. Проектот е составен од три(3) целини во кои авторот имплементира повеќе медиуми (објекти и “ready-made”предмети, “found objects”, инталации, фотографија, видео и видео перформанс, аудио запис, текстови и интервенции во просторот на галеријата…), кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна „приказна“, но и заедно во вид на циклус кој дава сублимирана слика за различните човекови размисли и состојби.
Авторот ја претставува својата потрага по личниот идентитет во лавиринтите на динамичната и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос обременет со наталожените слоеви на традицијата уште од неговите претходни визуелни остварувања, па се до денес, а се чини дека на извесен начин овие прашања се постојано присутни како своевидно продолжение на една секогаш актуелна Диогенова потрага по човекот. Како што самиот уметник потенцира, овој проект е негова субјективна реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики; време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен.., време на кризи кои влијаат на виталноста на целата планета.
Конечно, круцијален момент во неговото творештво е желбата да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот итн, наспроти цензурата, самоцензурата, кои се спротивставуваат на првичните принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото. Петровски, поаѓајќи од максимата на Марко Аурелиј “ What we do now echoes in eternity”, преку еден хуманистички пристап кон урбаната антропологија, не претендира на визуелни претстави кои би понудиле толкувања или решенија на проблемите, туку верува дека истите ќе генерираат уште повеќе прашања во однос на проблемите на свеста и совеста.”
Маја Чанкуловска – Михајловска, куратор
***
Роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.
Добитник e на неколку значајни награди од областа на современата ликовна уметност.