Македонскиот актер Никола Ристановски на овогодишниот 4. Босфорски интернационален филмски фестивал (Bosphorus Film Festival) во Истанбул, ја доби наградата „Златен делфин“ за најдобар актер, за главната улога во црногорско-српската копродукција „Игла под прагот“, на режисерот Иван Мариновиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сараево, по што филмот гостуваше на повеќе фестивали, меѓу кои и во САД и Австралија. Македонската публика имаше можност да го види филмот на штотуку завршениот 15. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
Режисерот Мариновиќ е автор и на сценариото на филмот „Игла под прагот“, кој раскажува за жителите на мало село на еден полуостров кои се на прагот да продадат голем имот во парохијата на поп Петар (Никола Ристановски) и со тоа да ги решат сите свои проблеми. Единствената пречка на нивниот пат е тврдоглавиот поп Петар, кој одбива да го продаде својот дел.
Филмот пласиран од страна на Црна Гора е кандидат за Оскар за 2016 година. Играат и актерите Сека Саблиќ, Богдан Диклиќ, Леон Лучев, а покрај Ристановски, македонски придонес во филмот има и музиката на Тони Китановски.