На состанокот на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која вчера се одржа во Париз, пратеникот Александар Николоски беше избран за известител за следење на исполнувањето на обврските на Босна и Херцеговина преземени при зачленување во Советот на Европа.
Со ова, Николоски е првиот македонски пратеник избран за известител на Мониторинг комисијата. На оваа функција заедно со унгарскиот пратеник Золт Немет, Николоски е коизвестител и ќе настапува во име на Мониторинг комисијата.
Со оглед дека Босна и Херцеговина се наоѓа во мониторинг постапка со Парламентарното собрание, коизвестителите ќе имаат обврска да остваруваат редовни посети на државата и да водат континуиран дијалог со властите, во врска со функционирањето на демократските институции и исполнувањето на статутарните и конвенциски обврски на државата. По посетите, коизвестителите изготвуваат извештаи, кои прво ги презентираат пред Мониторинг комисијата, а потоа и на пленарна седница, со цел објективна оценка за напредокот на земјата.
Доколку оценките се задоволителни, изветителите може да предложат земјата да помине во фаза на постмониторинг дијалог, што стапува на сила откако ќе биде изгласан на пленарна седница.
Ова е втора функција на Николоски како известител, покрај неговото назначување од страна на Комисијата за правни прашања и човекови права за генерален известител на Парлементарното собрание за укинувањето на смртната казна.