Центарот за управување со промени (ЦУП) воведе нова веб алатка за иницирање на јавна дискусија за прашања од интерес на граѓаните, со која тие можат да поднесат иницијатива за јавна дискусија за прашања од поширок интерес и да ја поттикнат свеста преку давање своја поддршка за одредени прашања од поширок интерес.
„Потребно е да ја осмислите и внесете вашата иницијатива на нашата интернет страна и да отпочнете да ја ширите идејата за промени. Отворено е за сите граѓани на РСМ над 18 години. Иницијативата треба да биде на тема поврзана со унапредување на секојдневието во јавната сфера како на пример предлози за промена во услугите на јавната администрација. При тоа не смее да биде ништо навредливо, несериозно или вознемирувачко“, ја појаснуваат процедурата од ЦУП.
Покрај поднесување на нова иницијатива, граѓаните на веб страната може да поддржат четири иницијативи кои досега се поднесени, како што се: Промоција на либерални политики за канабис во земјава, Дигитализација на процесот на евиденција на невработените лица во Агенцијата за вработување, Целосна дигитализација на конкурсите за студентски домови и Општо прифаќање и популаризирање на електронските услуги на граѓаните.
Веб алатката е изработена во рамки на „Програма: подобра испорака на јавните услуги за граѓаните со активна вклученост на Собранието“, која е финансирана од Европската Унија.