Нови вработувања во скопската Итна помош по претседателските избори

Сподели

Пополнувањето на медицинскиот персонал на Итната медицинска помош при Здравствениот дом Скопје, се очекува по завршување на претседателските избори, иако досега беа распишани два конкурса. Портпаролот Шпреса Асани за „Порталб.мк“, информираше дека ќе има седум нови вработувања во Здравствен дом Скопје, а во нив и нов кадар за Итната помош.

– Имаше два конкурса за вработување, но бидејќи сме во изборен процес, немаме право да вработуваме. Затоа ќе чекаме да заврши овој циклус, а потоа ќе се реализираат и вработувањата. Првиот конкурс беше за пет работни места, а вториот за две. Конкурсите се однесуваа за целиот Здравствен дом на Скопје, и откако ќе се реализираат, кандидатите ќе бидат распределени каде што е најпотребно, а тука спаѓа и Итната медицинска помош. Конкурсот беше за медицински персонал и персонал за техничка поддршка – рече Асани.

Дека ќе има нови вработувања за да се пополни бројот на медицински тимови на Итната помош, ветија двата директори на Здравствениот Дом Скопје, Злате Мехмедовиќ и Бесим Кока во интервју за Порталб.мк. Тие рекоа дека планираат да ангажираат 40 нови лекари, од кои половината ќе се вклучат во Итна помош.

Во Здравствениот дом Велес неодамна беа вработени пет млади лекари.

Во Министерството за здравство, за службата на Итна помош, во тек е постапката за нарачка на 12 амбулантни возила, што треба да заврши најдоцна до 4 април и реализација на физибилити анализа, за која не се знае компанијата што ја спроведува, иако повикот е затворен уште на 14 ноември 2018 година.

„Порталб.мк“ направи анализа за службата на Итна помош, за интервенциите кои треба да се спроведат во здравствените центри, каде има амортизирани и застарени амбулантни возила, и каде бројот на тимовите и амбулантните возила не одговара на бројот на населението, како: Кичево, Пробиштип, Куманово, Гостивар, Кочани и Дебар. Според податоците, во текот на 2018 година биле потрошени 6 милиони денари за одржување на 40 амбулантни возил, од осум здравствени домови.