Османи: Професионализација и департизација на дипломатската служба

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес ја запозна пошироката јавност со новиот Нацрт текст на Законот за надворешни работи, кој е конципиран на начин да одговори на сите предизвици на надворешно – политичките приоритети на земјата, имајќи ја предвид новата позиција и реалност што Северна Македонија ја има во меѓународните односи како членка на НАТО и земја со одлука за почеток на преговори со Европската унија.

 

 

„Потребата од професионализација, односно департизација на дипломатската служба е висок приоритет на нашето општество, но и на моите лични заложби. Интенцијата која сакам да ја постигнам е деполитизација на службата преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности, соодветна и правична застапеност како и професионализација на високите раководни позиции во министерството”, истакна Османи.

Министерот Османи нагласи дека најмалку 75 отсто од амбасадорите во иднина ќе бидат дипломати од кариера што претставува драстична промена од постојното законско решение и обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера.

Шефот на дипломатијата посочи дека една од новините на овој закон е воведувањето на нова категорија на економски советници, воведувањето на механизам на внатрешна контрола во Министерството и ефикасен систем за оценување на работата на дипломатите.

„Ова е фазата кога Нацрт текстот излегува од просториите на министерството и првично го споделувам со пошироката јавност. Посакувам што побргу да завршат интерните процедури на усогласување на одредбите во Предлог законот, да ја помине владината процедура, а потоа и собраниската процедура, за да законот заживее и почне да ја остварува својата функција заради кој што е конципиран. Транспарентноста ќе го следи низ целиот процес на донесување,  а јавните расправи и консултацијата со сите интересни и засегнати групи, тука пред се мислам на дипломатските синдикати и пошироката фела, ќе бидат повеќе од добредојдени“, нагласи Османи.

„Новата законска рамка ќе биде темелот што ќе треба да даде една поинаква динамика на оваа професија, но и на угледот на државата“, дополни Османи.