Новите претседатели на Врховниот и на Основниот суд Скопје 1 ќе бидат избрани по Нова година, потврди денеска претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, бидејќи сè уште е во тек вонредното оценување на кандидатите за оваа функција во двата суда.
Советот, како што рече Караџовски, мора да го почитува и рокот од осум дена за жалба, бидејќи вонредното оценување се врши во постапка како за редовно оценување.
„Оценките се тајни и секој кандидат ја добива својата оценка во плик“, изјави Караџовски, пренесува „24 Вести“.
Тој ги отфрли како шпекулации информации во медиумите дека на некои од кандидатите за претседател им биле поправани оценките.
Одлуката за вонредно оценување на кандидатите за претседатели на Врховниот и на Кривичниот суд во Скопје, Судскиот совет ја донесе кон крајот на ноември, за што беше формирана и посебна комисија.
Караџовски тогаш изјави дека ваквата одлука била донесена бидејќи во изминатите две години, во согласност со новиот Закон за судскиот совет, не било спроведено оценување на судиите, односно судиите последен пат биле оценувани во 2014 година.
Кандидати за нов претседател на Основниот суд Скопје се актуелниот претседател на судот, Владимир Панчевски, и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, додека за претседателското место во највисокиот суд во државата неофицијално кандидатури поднеле актуелната претседателка Лидија Неделкова, поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова и нејзината колешка од Врховниот суд, судијката Беса Адеми.