Нуредини: Здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права

Сподели

 

Ааерозагадувањето, управувањето со отпадот и отпадните води, како и заштитата на природата и обезбедувањето на чиста вода за пиење за сите граѓани, се приоритетите на старо-новиот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Во писмена изјава Нуредини ветува транспаретност, професионалност и ефиканост во работењето и ги повикува сите чинители во општеството на заедничка соработка за да се постигнат овие долгорочни цели.

Благодарен сум што ја добив довербата и ми беше укажана можноста да ги спроведам започнатите и планираните активности кои бев спречен да ги реализирам поради предвремените избори и пандемијата со која се соочивме кусо по започнувањето на мојот претходен мандат. И натаму, моите водечки вредности во работењето ќе останат транспарентноста, професионалноста и ефикасноста. Ни претстои период во кој сѐ уште ќе се справуваме со најголемиот здравствен предизвик во последниот век, како и со последователните економски последици од истиот. Меѓутоа ние не смееме притоа да заборавиме на заштитата на животната средина, ниту на климатската криза пред која е исправен целиот свет. Ако нешто научивме оваа година, тоа е дека здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права, за нашето здравје, за рамнотежата во екосистемите. Но, и дека државите можат да преземаат радикални чекори кога тоа е потребно”, вели Нуредини. Според него, мора да се вложат сериозни напори за да се исполнат европските еколошки стандарди и да се носат координирани стратешки политики.