Најпрвин нешто околу мојата филозофија за претседателската функција.
Им се обратив најпрво на граѓаните, без оглед на каква било припадност, за да го адресирам мојот и вашиот суверен во Русоова смисла на зборот: граѓанинот и народот како демос, односно како збир на индивидуи. Зошто? Затоа што, без демос нема демократија! Во оваа смисла Уставот вели дека „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните!
Чест ми е да Ви се обратам седум и пол месеци месеци по изборот. Но, голема одговорност е да се оправда легитимитетот чијшто извор се 561.000 граѓани. Основното што го правам е да ја претставувам Републиката, дома и во странство, во духот на Уставот: како суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Ќе се обидам да го предочам најважното од она што сум го сторила, но и да укажам на започнатото, односно претстојното, ќе ги нотирам важните проблеми и дилеми, ќе понудам можни решенија за нив, во духот на мојата програмска визија и мисија.
Најпрво, градењето стандардна европска држава со демократски политички систем е мојата основна цел. Слободата, правото и правдата се мојата идеологија. Повикувањето и почитувањето на националното, европското и меѓународното право е моето политичко оружје. Одбраната на државниот и националниот интерес е мојот основен политички мотив.
Мој основен политички инструмент во внатрешната политика беше и остана дијалогот воден со добра волја и заснован на аргументи. За мене, единствениот делотворен и плодотворен механизам во меѓународните односи е базичниот консензус за државните и националните прашања, а тој секогаш ги надминува партијата, идеологијата и личниот интерес.
Во надворешната политика, свесна за подредената улога на малите држави во меѓународните политички односи, секогаш упатувам на очигледните последици од реал- политиката: војната и вооружувањето, како и на еминентната потреба од враќање и реафирмирање на мировните концепти и на меѓународното право, активирање на меѓународните организации, институции и судови, ако не сакаме да завршиме во нео- трибализам и во самоуништување.
Никој не е невин во оваа ужасна реалност, со чинење или со нечинење, односно немо гледање. ООН не смее да ја доживее судбината на Лигата на народите, дозволувајќи хомоцид и екоцид, како и толерирање на грубото кршење на неговите основни документи: Повелбата, Универзалната декларација за човековите права и бројните конвенции на Генералното собрание како и пресуди на судот во Хаг. ЕУ лидерите пак, никогаш не треба да изумат дека Европската заедница беше мировен проект што требаше да гарантира вечен европски Кантов мир, а денес европски држави војуваат.
Знам дека реалистите ќе коментираат дека е чудно кога ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, геополитички измислените западнобалканци, оти ние целиме кон ЕУ, а не ЕУ кон нас, ама и јас, што би рекол професорот Џозеф Вајлер имам право критички да размислувам за неа, за Европа, за ЕУ, како Балканка којашто се доживува како Европејка што очекува европско однесување на ЕУ кон нас и кон т.н. „Западен Балкан“.
Неколку месеци, на секоја мултилатерална или билатерална средба ја акцентирам нужноста од проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Укажувам на логиката на ЕУ-доктрината „единство на различности“, како нејзин modus vivendi, која не може да важи само за нејзините членки, туку мора да важи и за кандидатите, па и за кандидатите за кандидати. Во спротивно, ниту има преговори, ниту има разговори. Има еврократија изразена во формулата: „Слушај, молчи и извршувај“ оти имам неограничено право на вето!
Но, признавам, за мене, ЕУ сè уште е најпосакуваниот демократски политички систем и наш дом. Не случајно, денес, граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење за нејзиниот демократски капацитет, од оној на своите национални власти, со единствен исклучок на Луксембург. Ова важи и за Франција и за Германија.
Во бројните средби со ЕУ- претставниците укажувам на некои парадокси: прво, Европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, тогаш, има морална обврска за солидарност со нив, со нас по падот на комунизмот; второ, профитната логика на западните економии бара поголем пазар и работната сила, а ние сме тука; трето, стабилноста на европскиот континент зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан, како геополитички ентитет; четврто, лоциран меѓу Европа и Блискиот Исток како конгломерат на култури и религии отсекогаш Балканот се перципирал како потенцијална конфликтна зона; петто, ние Балканците и оние пред нас, секогаш сме се перципирале себеси како Европејци, па европската интеграција е навистина е недовршена без нејзиниот европскиот југоисточен дел.
Време е за храбар, фундаментален ЕУ-исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што ќе означи реунификација, односно реинтеграција на нашиот регион. Еве зошто. Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија поддржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ – членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на заканата и дестабилизацијата, односно од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави. И, на крајот, Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата!
Некои западни политолози метафорично пишуваат за Западниот Балкан дека е ЕУ-Ахилова петица. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел, не смеат да дозволат да биде на нишан.
Искрено, по децениско отсуство на стратегија за регионот, во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агенда, препознавам стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимулира процесот од обете пријателски страни. Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, во согласност со Заклучоците на Советот и протоколите, односно замислете записниците.
Ако зборуваме за Pacta sun servanda, тогаш да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени!
Целото излагање на претседателката Гордана Силјановска Давкова на следниот линк