ОБСЕ ЌЕ ИСПРАТИ 500 НАБЉУДУВАЧИ ДА ГИ СЛЕДАТ ИЗБОРИТЕ ВО САД

Сподели

missiya-obse-02-01-2014

Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) планира да испрати 500 меѓународни набљудувачи да ги следат претседателски избори во САД, во ноември годинава, што е двојно повеќе во однос на бројот на набљудувачи што беа распоредени за време на изборите во 2012 година, јавува „Ројтерс“.

На изборите во САД ќе бидат испратени набљудувачи од огранизацијата за меѓународна безбедност и заштита на правата од 57 држави, членки на ОБСЕ.

Инаку, коалиција на повеќе од 200 американски групи за заштита на правата на граѓаните ја повикала ОБСЕ, во писмо што е денеска објавено, да испрати повеќе од 500 набљудувачи, колку што побара ОБСЕ врз основа на проценките што организацијата ги спроведе во мај годинава.

Во писмото било наведено дека улогата на ОБСЕ е сега уште поважна, особено по соопштението на министерството за правда на САД, издадено во јули, во кое било наведено дека оваа година ќе распореди далеку помал број набљудувачи на избирачките места, за разлика од претходните избори.

ОБСЕ, во писмото, исто така, се повикува да ги фокусира своите ресурси во осум сојузни држави на САД, во кои, како што е наведено, постои голема веројатност да дојде до обиди за заплашување на гласачите. Меѓу осумте држави се и Пенсилванија и Северна Каролина, каде се очекува тесна трка меѓу претседателските кандидати Хилари Клинтон од демократите и Доналд Трамп од редовите на републиканците.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8 ноември.