Заедничката иницијатива на Европската унија (ЕУ) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), позната како СИГМА, започнува со спроведување на обуки за високи раководители на државни институции, насочени кон унапредување на управувањето и ефикасноста во јавниот сектор. Ова беше договорено на вчерашната средба помеѓу потпретседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, и Баграт Тунијан, виш советник при ОЕЦД, како и Грегор Вирант, раководител на програмата СИГМА.
На средбата, претставниците на СИГМА го презентираа Извештајот од мониторинг мисијата за начелата на јавната администрација 2024, кој покажува дека Северна Македонија има слаби резултати во управувањето со државната служба и човечките ресурси во споредба со другите земји од регионот. Извештајот, кој ќе биде објавен до крајот на годината, ќе биде претставен на министрите, државните секретари и ќе биде достапен за јавноста.
Потпретседателот на Владата, Арбен Фетаи, ги оцени наодите на извештајот како реалистични и корисни, истакнувајќи дека тие ќе послужат како важни препораки за понатамошната работа на неговиот кабинет. Тој ги информираше претставниците на СИГМА за досегашните активности и напредок во имплементацијата на главните приоритети на Владата, како што се борбата против корупцијата, зголемувањето на транспарентноста на институциите и обновата на соработката со граѓанското општество.
Двете страни се договорија да продолжат со заедничка работа и во реформата на јавната администрација, со посебен фокус на подобрување на законската регулатива. Целта е да се направи јавната администрација поотворена, поефикасна и поодговорна, со што ќе се подобрат услугите што институциите ги нудат на граѓаните.