Од 1 септември дел од администрацијата ќе работи во две смени

Сподели

Ќе се воведе флексибилно работно време на сите вработени во државната управа, а во одредени институции и двосменско работно време, соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски информирајќи дека таква одлука донела Владата на Република Македонија на денешната седница.

Одлуката ќе се применува од 1 септември и оттогаш почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот со вкупно времетраење на работниот ден од 8 часа.
Манчевски вели дека како што е најавено во програмата на Владата, со оваа одлука исто така се регулира и двосменското работење на одредени институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.

Работното време во овие институции ќе се одвива од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8:00 до 16:00 часот.

– Очекуваме оваа мерка да придонесе кон намалување на сообраќајните гужви особено во големите градови пред почетокот и по завршувањето на работното време – вели Манчевски.

meta.mk