Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ вечер од 18 часот почнува одбележувањето на 21-годишнината од загинувањето на 10 припадници на АРМ. На 8 август кај месноста Карпалак 2001 година армискиот конвој беше нападнат од заседа и загинаа 10 прилепски резервисти.
Пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“ семејствата на загинатите, претставници на Гарнизонот, од локалната самоуправа и граѓани ќе положат свежи цвеќиња и ќе биде посетена спомен собата во касарната.
Од 19 часот ќе биде посетен и спомникот на загинатите во селото Лениште кај Прилеп, а вечерна богослужба ќе се одржи во манастирот „Света Петка“ во селото.
Утре изутрина, на 8 август, делегации ќе се упатат на месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, ќе бидат посетени вечните почивалишта на загинатите бранители на прилепските градски гробишта и во населените места. Во 10 часот ќе се одржи панихида во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила.
Централното одбележување е во 13 часот пред споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.
На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски./МИА