Одбележување на 70 годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска приреди прием по повод одбележувањето на 70 годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Приемот во Кабинетот на Претседателот, на кој присутвуваа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и членовите на Деканатската управа на Правниот факултет, е приреден во рамки на одбележувањето на значајниот јубилеј на овој факултет, кое се одржува под покровителство на претседателот Пендаровски.

 

 

Претседателот Пендаровски, честитајќи го јубилејот на Правниот факултет„Јустинијан Први“, ја истакна неговата улога во градењето на современата македонска држава, придонесот во нашиот правен и политички систем, како и во процесите на демократскиот развој на државата. Посакувајќи уште многу години успешна и плодна работа, претседателот Пендаровски изрази уверување дека Правниот факултет и во иднина ќе дава креативни предлози и луѓе кои ќе можат да предводат позитивни процеси во државата за успешно справување со современите предизвици за најважните општествени прашања.

За значењето на јубилејот, како и за одговорноста на оваа генерација професори, на приемот говореа и Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Сашо Георгиевски, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Правниот факултет „Јустинијан Први“, основан на 3 ноември 1951 година, е најстарата високообразовна установа во Република Северна Македонија од сферата на правните, политолошките и комуниколошките науки.