Одземени лиценци на компании за игри на среќа кои не плаќале данок

Сподели

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање за одземањето на две лиценци на компании за игри на среќа, рече дека станува збор за фирми тесно поврзани со претходната власт, кои работеле незаконски и не плаќале данок.

„Имаме два случаи за одземање на лиценци за игри на среќа едната е од Струмица, другата е од Скопје, не ги уплаќале даноците редовно, работеле незаконски би рекол, врз основа на мислењето коешто го добив под надлежните институции. Но ова не е сѐ. На седницата на Владата беше прифатено практично толкувањето на Законот во коешто е констатирано дека од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа“, изјави премиерот Мицкоски.

„Има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот“,  потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски подвлече дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.

„Тоа е сѐ предадено до истражни органи и очекувам надлежните истражни органи многу скоро да излезат со став врз основа на овие индиции коишто ги констатираше Владата“, истакна премиерот.