Охридско лето – македонски прозорец од и кон светот

Сподели

Охрид пулсира со богат летен културен живот, со настани за сите возрасти и сите вкусови, се е ставено во функција на туристите, градот – со амбиенталните сцени, крајбрежјето, езерската шир, која со големите пловила на чии палуби се гледаат филмови и драмски спектакли, доби една нова димензија.

Охрид има гости колку за уште еден Охрид, а тука се и домаќините кои низ деценииве научија што е добра музика, што е вредност во седмата уметност и на театарските штици.

Секако, печат дава самиот музичко сценски фестивал “Охридско лето”, стожерната манифестација, одавна дефинирана како “македонски прозорец – кон и од светот”.

Кога австрискиот амбасадор во Македонија, неговата екселенција, Мартин Палмер, ќе ви каже дека Охридско лето е исто што фестивалот во Стразбур, градот на Европската федерација на фестивалите (член е и охридскиот), тогаш навистина треба да бидеме почестени.

Господин Палмер тоа го рече на “Австриската вечер”, со исполнители од оваа земја, но и со финансиска подршка од граѓаните на таа земја, какви на Охридско лето, отсекогаш имало што му дава димензија на скромно дипломатско средиште.

Годинава ги има вкупно единаесет. Покрај “Австриската вечер”, ја проследивме “Британската” , со Бери Даглас – пијано, додека, синоќа, во Света Софија, уште и “Италијанската”, со барокниот ансамбл “Маре Ностру” од Рим, мајстори на таканаречената “стара” италијанска школа и музика и особени специјалисти за оперите на Алесандро Страдела.

До крајот на Летото, до 20 август, преостануваат уште и “Шпанската вечер” ( Акелис Мачадо – тенор од Венецуела и Кенеди Морети – пијано од Бразил), потоа “Американската вечер”, со светската премиера – “Крал Лир” од Шекспир, со режисерот Џон Блодвел и “Лит Мун Ворлд Татарот” од Санта Барбара, што е и еден нов театарски експеримент – со локацијата, Предворјето на Света Софија, но и должината на претставата – безмалку 4 часа.

До 20 август, уште и “Чешката вечер”, со “Хилари триото”, од виолина, вилолончело и пијано. Потоа “Романската вечер”, насловена “Oд Букурешт до Мадрид” (виолинистката Ирина Мурезано, во пијано придружба на Даниел Дел Пино од Шпанија), “Грчката вечер”, со Христос Гримпас, виолончело и Џорџ Емануел Лазаридис, пијано, “Швајцарската вечер” (пијано, виолина, виолончело), “Полската вечер”, со тројката млади пијанисти на четирирачно пијано, “Француската вечер” со пинјанистката Софија Варан и секако – традиционалната “Вечер на ЕУ”, овој пат, со виолончелистот од Белгија, Ками Тома, во пиано придружба на Жулиен Брокал од Франција.

За Охрид, на времето, пишувавме дека е летна македонска културна престолнина, но и преселен, од Скопје, дипломатски центар. Тоа, поради низ след околности, најкарактеристично беше во времето на првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, Киро Глигоров.

Потоа, Борис Трајковски, кој знаеше во Античкиот теаетар да ги седне до себе тогашните претседатели на Хрватска и Албанија.

Во времето на Стево Пендаровски, тука дојде првиот човек на американскиот Стејт департмент, додека, летово, чест гостин во Света Софија, особено за приредбите под покровителство на европските земји, е претседателката д-р Гордана Силјаноска, што е добар дипломатски манир, затоа што, скоро на сите претстави доаѓаат амбасадорите на односните земји.

Веле Митаноски