Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, информираат од ОЈО.
„Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело Измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 и став 3 во врска со став 1, додека четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во служба предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од Кривичниот законик.
Во текот на денешниот ден, обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за изрекување на мерки на претпазливост согласно чл.146 став 1 точки 2, 3 и 7 за тројца осомничени. Односно, заради обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка, обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Одлуката на судот ќе биде донесена во редовна законски утврдена постапка,“ соопштуваат од Обвинителство.
Вчера Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Лидија Димова во својство на директор на Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, З.З. – сопственик и управител на Друштвото за трговија и услуги увоз-извоз В.Е.З. Трејд ДООЕЛ Скопје, А.Г. – надворешен соработник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност и А.П. – благајник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност.