Околу 30.000 противници на идејата за независност протестираа во Хонг Конг

Сподели

hong-kong

ПЕКИНГ (АА) – Речиси 30.000 демонстранти учествуваа во масовните прокинески протести во Хонг Конг, за да го изразат својот став против идејата за независност и одвојување на оваа автономна покраина од официјален Пекинг, пренесува Anadolu Agency (AA).

Весникот „Саут Чајна морнинг пост“ објави дека масовните протести се организирани како одговор на кризата предизвикана од страна на двајца пратеници на Законодавниот совет на Хонг Конг, кои како поддржувачи на идејата за независност на тој регион предизвикаа инциденти за време на церемонијата на положување заклетва во тоа законодавно тело.

Ова се едни од најмасовните протести во последните неколку години во Хонг Конг, а демонстрантите порачаа дека сакаат да го задржат системот на автономна власт со големо влијание на официјален Пекинг, што популарно се опишува како „Една земја, два система“.

Новоизбраниот состав на Законодавниот совет на Хонг Конг минатата недела положи свечена заклетва, при што дојде до кршење на Основниот закон за државна служба, кој наложува да бидат отстранети членовите од Советот кои намерно во текстот на заклетвата внесуваат збор кој не е содржан во текстот.

Пратениците Јау Ваи-Чинг и Лаунг Чунг-ханг се познати по идејата за независност на Хонг Конг, што го покажаа уште еднаш за време на положувањето заклетва, кога не се придржуваа на текстот од заклетвата, туку во неколку наврати ја навредуваа Кина. Случајот доведе до физичка пресметка во Советот, во која беа повредени шест лица на обезбедувањето, а седницата беше прекината со интервенција на специјалната полиција.

Споменатите пратеници беа и меѓу иницијаторите на масовните протести што пред две години се одржаа во Хонг Конг, на коишто демонстрантите го изразија своето противење на политичката доминација на Пекинг над Хонг Конг.

Хонг Конг е автономна покраина којашто по периодот на британското владеење, во 1997 година, е припоена кон Кина. Во согласност со заедничката декларација, Хонг Конг до 2047 година ќе биде под власт на Кина само во областа на надворешната политика и одбраната. Заговорниците за јакнење на независноста на тој регион ја обвинуваат Кина за зајакнување на политичката доминација, додека спротивставениот табор смета дека политичката врска со Пекинг е гаранција за мирот и стабилноста во регионот.