Претседателот на Владата Оливер Спасовски, заменикот на претседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска одржаа прес-конференција по повод добивањето на одлука за почеток на преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
„Во исклучително тежок момент за нашата држава, за Европа и за целиот свет, денес од Брисел ни пристигна убава и долгоочекувана вест: Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во ЕУ. Советот за општи работи на ЕУ се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ. Стигна верификацијата за успехот на нашите напори. За истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции – Владата, Собранието, Судството – да ги спроведат реформите што ги поставивме како наша цел уште во 2017 година“, истакна премиерот Спасовски.
„Постигнавме завидни резултати во сите овие области. Тоа беше секоја година верификувано во извештаите на Европската Комисија и со резолуциите на Европскиот Парламент. Од денес тоа го верификуваа едногласно и државите членки на ЕУ“, подвлече претседателот на Владата, Спасовски.
„Ова е повеќе од заслужен успех. Ова е признание кое требаше да го добиеме и порано. Со оваа одлука се исправа стратегиската грешка на Европскиот Совет од октомври 2019 година кога не се постигна консензус за одлуката која е усогласена денес. Да се радуваме на овој успех сите. Да се радуваат сите политички партии, сите етнички заедници и сите општествени субјекти. Да се радуваме денес и во истиот момент да се вратиме во реалноста и да продолжиме со уште една битка. Нашата битка со короната“, подвлече премиерот Спасовски.
„Заедно, солидарни и поврзани можеме да дојдеме до побрзо и поефикасно решение на нашите заеднички проблеми. Така беше и за време на бегалската криза во 2015 и 2016 година, така е и денес кога се соочуваме со ужасната пандемија на вирусот КОВИД-19“, истакна премиерот Спасовски.
Во обраќањето вицепремиерот Османи истакна дека во овие моменти кога се соочуваме епидемијата на коронавирусот и се чувствуваме загрозени и загрижени за иднината, овој свеж зрак на оптимизам ќе ни помогне полесно да ја надминеме и оваа криза.
„Верувајте, битката против коронавирусот ќе ја добиеме, а иднината секако ќе дојде. Добро е да знаеме дека таму, во блиска иднина, нè чекаат предизвици на преговорите за членство во Европската Унија. Тоа е процес кој значи напредок за државата, реформи кои значат создавање на европски институции, напредок во образованието и науката, квалитетно здравството и здравствена заштита. Тоа е процес кој значи стабилност и предвидливост на економските текови, повеќе странски инвестиции, поголем потстрек и за домашните инвеститори, повеќе работа за претприемачите, повеќе работни места, поголеми примања – сè на сè – подобар животен стандард за граѓаните“, истакна вицепремиерот Османи.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека Советот за општи работи на ниво на министрите за европски прашања на ЕУ и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот донесе одлука за почеток на преговорите со Република Северна Македонија и оддаде признание за досега сработеното.
„Нашите ЕУ пријатели денес и покрај грижите од пандемијата, најдоа време и волја за долгоочекуваната одлука за почеток на пристапни преговори. Одлуката на ЕУ во вакво време „невреме“ е симбол на нејзината вистинска сила. Да си дадеме сите момент радост и гордост за признанието кон истрајната работа и непоколебливата надеж. За остварениот аманет од предците, за отворената врата на македонските поколенија! За дадената шанса да продолжиме да покажуваме дека умееме и припаѓаме во европското семејство“, нагласи министерот Димитров.