Во Камерната сала на Филхармонија, вечер со почеток во 19 часот, ќе се одржи последниот концерт од годинашното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, кој ќе биде посветен на делото и творештвото на неодамна починатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица.
На концертниот омаж, публиката ќе има можност да чуе дела од опусот за гудачки оркестар на авторот во изведба на солистите: Татјана Петрушевска- обоа, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот и Мартин Димитров – виолина кои ќе настапат заедно со гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентската палка од маестро Борјан Цанев, најави Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).
Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023) е дел од македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се сместени опери, балети, камерни и хорски композиции, популарни и детски песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Опусот на авторот опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“).
-Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Љубомир Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз.Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли, стои во најавата од СОКОМ.
Организатори на концертот „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ се СОКОМ, Претседателот на државата и Филхармонија, а се реализира со поддршка на Министерството за култура.