ИЛИ-ИЛИ со издание на „Латински цитати, изрази и фрази“

Сподели

 

„Латински цитати, изреки и фрази“ е збирка од нешто помалку од 5 000 латински цитати, изреки, фрази, правни максими, девизи на поединци или групи, здравствени препораки, хералдички гесла и други куси латински изрази од различна провениенција. Најбројни се цитатите од римската книжевност, од латинскиот превод на Библијата (Vulgata) и од некои подоцнежни дела. Поради широкиот опсег на употреба многу од овие цитати стекнале статус на поговорки. Одраз на нивната огромна популарност низ вековите е влијанието што го извршиле врз фразеолошкиот фонд и врз паремиската граѓа на современите јазици. Многу од овие цитати, изрази и фрази и денес се присутни во книжевноста, журналистиката, јавниот дискурс и популарната култура.

Единиците што се поместени во збирката „Латински цитати, изреки и фрази“ се подредени по абецеден редослед, а наместа по преводот следи кус коментар со појаснувања на значењето, потеклото и(ли) на контекстот во кој изразот бил употребен.

 
Од 24 октомври „Латински цитати, изрази и фрази“ на 516 страници и со 4856 единици, подредени по абецеден редослед и во Македонија, од ИЛИ-ИЛИ.
 
Предговор, избор, превод од латински и коментари: Светлана Кочовска Стевовиќ.

Светлана Кочовска-Стевовиќ е класичарка, книжевна преведувачка и професорка по латински јазик на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на една монографија за писмата на Кикерон (Епистоларниот дискурс на Марк Тулиј Кикерон, Профундум, 2014) и на повеќе преводи од латински и(ли) старогрчки јазик на дела од Кикерон (За должностите, Магор, 2005; Избрани писма, Три, 2014; Втора филипика, Или-или, 2022), Хигин (Митови, Три, 2016), Јустин (Филипова историја, Полица, 2020), Лукијан од Самосата (Вистинска приказна, Или-или, 2020)  и Сенека (Медеја, Или-или, 2021).