Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш упати апел на меѓународните инспектори да им биде овозможен пристап во нуклеарната електрана во Запорожје, која е под руска окупација од изминатава пролет, јавува Гардијан. Гутереш изјави дека било каков напад врз нуклеарната електрана е самоубиствен чин.
Гранатирањата од двете страни во конфликтот продолжија и во изминатово деноноќие. Украинските власти информираа дека повторно успеале да ги гранатираат Антоновскиот и Каховскиот мост во регионот Херсон на југот на Украина, пренесува Укринформ. Овие инфраструктурни објекти се клучната линија за снабдување за руските сили лоцирани на десната страна од реката Дњепар.
Вооружените сили на Украина извршиле и ракетен напад врз бази на руските сили во градот Мелитопол, при што тие информираат дека над 100 руски војници биле елиминирани и била уништена воена техника, јавува Укринформ. Засега нема потврда на ваквите тврдења и од независни извори, пишува Гардијан.
Во руското гранатирање на Харкивскиот регион во изминативе 24 часа загинале најмалку три лица. Гранатирања се регистрирани и врз населените места во регионите Донецк, Запорожје, Днипропетровск и Миколаив, при што во ракетирањето биле погодени цивилни и воени цели, јавува Укринформ.
Воедно, Гардијан пишува дека во Донецкиот регион траат борбите меѓу руските и украинските сили кај Писки и Авдивка на север и северозапад од градот Донецк. Борби се водат и во правец кон градот Бахмут, Словјанск и Краматорск, но засега украинските сили успеваат да ги одбијат нападите на руските сили, пренесува Укринформ./Мета.мк