ОПАСНО РАЗГОРУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Видни домашни и меѓународни безбедносни експерти оценуваат дека ситуацијата во нашата држава станува крајно драматична. Наместо да дојде до почетна разврска на политичката криза, сведоци сме дека таа и понатаму се влошува со тенденции наскоро да се претвори во сеопшт хаос. Во тој поглед има јасни укажувања дека актуелниот режим во настојување да го продолжи своето владеење, смислено и плански распламтува граѓанска и меѓуетничка нетрпеливост, со намера преку испровоцирани безредија да го спречи мирниот трансфер на власта за да издејствува нови избори на кои би ја повратил својата загубена владејачка позиција. Притоа, се предупредува дека во сегашнава ранлива геостратешка констелација на Балканот, македонската политичка криза би можела да биде искористена како иницијална каписла за пошироки безбедносни турбуленции кои би имале кобни последици по државниот опстој.

Тогаш има ли излез од сегашниот политички ќор-сокак?

Според опозицијата решението мора да се бара исклучиво во целосното почитување на граѓанската изборна волја и во доследното придржување до уставните начела. А, тоа значи: мандатот за состав на нова влада да го добие партијата што ќе обезбеди потребно парламентарно мнозинство. Бидејќи таа го исполнува тој услов, смета дека шефот на државата треба, без никакви одлагања или условувања  да му овозможи на нејзиниот лидер да је преземе премиерската должност и во заедничка влада со албанските партнери да отпочне со неопходните промени и реформи во државата.

Досегашната власт пак, тврди дека формирањето на влада која прифаќа и реализира концепти содржани во т.н. албанска платформа, води кон опасно загрозување на државните и национални интереси, поради што преку организирани масовни протести и разни институционални блокади, бара од опозицијата таа да се отфрли и прогласи како антидржавен и антимакедонски документ, со закани, дека во спротивно ќе ги користи сите расположливи средства да го спречи тековниот мандаторски процес.

Дали навистина платформата е главната причина за најновата ескалација на политичките конфронтации? Или можеби само се користи како изговор за прикривање на други мотиви и цели сврзани со наодите во извештајот на Прибе и кривичните истраги, што СЈО ги води повеќе од една година?

Како што е познато, платформата беше усвоена од албанските парламентарни партии неколку дена пред шефот на државата да му го довери мандатот на Груевски, во својство на партиски лидер со најмногу освоени пратенички места. Иако во тој момент беа познати речиси побитни елементи содржани во неа, тогаш, ниту мандатарот Груевски, ниту претседателот Иванов ставија некакви забелешки или пак услови во однос на претстојните преговори со ДУИ. Напротив, во законски предвидениот рок, низ деноноќни заседанија Груевски и Ахмети темелно ги разгледуваа сите аспекти на идното заедничко коалицирање, со повремени најави дека тие успешно се одвиваат и дека се на прагот на постигнување меѓусебен договор. Високи функционери на ДУИ тврдеа дека единственото прашање околу кое сеуште се спори била натамошната судбина на СЈО но, дека постои спремност на крајот и тој проблем да биде надминат. Потврда на таквите очекувања беше и свиканиот собир на раководниот врв на ВМРО-ДПМНЕ во партиската централа, од каде што требало да се соопшти преземањето на премиерската должност од страна на нивниот партиски лидер. Впрочем, неколку минути пред полноќ, таква вест побрза ексклузивно да објави режимската телевизија Сител со краток коментар,  дека ДПМНЕ- повторно се враќа на власт.

Меѓутоа, кога претседателот Иванов доби известување од собраниските служби дека Груевски не успеал да дојде до потребното пратеничко мнозинство, по неколкудневен молк смисли необичен процедурален трик:  водачот на опозицијата првин да му докаже дека има потписи од потребниот број пратеници, па дури потоа ќе решел дали да му го довери премиерскиот мандат. Постапка која не важеше за неговиот претходник и која што нема ама баш никаква врска со одредбите во Уставот.

Па, откако Заев му ги достави бараните потписи, Иванов во стилот на турскиот султан Ердоган, наеднаш во нив препознал прсти на странски фактори, односно некаков меѓународен заговор против македонската унитарност и националната самобитност. Наводно, албанските пратенички потписи биле добиени по цена на велепредавнички државни отстапки, поради што решил да му го откаже мандатот на опозицискиот лидер.

Со најновиот уставен престап, Иванов фактички продолжи да долева бензин во вжештениот котел кој што Груевски систематски го подгреваше со разни хушкачки прогласи до своите следбеници, за  завршна пресметка со измислените  домашни предавници и заговорниците на меѓуетничкиот соживот и за граѓанска еднаквост, доведувајќи ја на тој начин Македонија на работ на сопственото самоуништување.

Но, една народна мудрост вели:  Кој со оган се игра, од оган ќе настрада! За жал, често  и многумина други со него кои што за сето време рамнодушно и сеирџиски ја посматраа неговата пироманска страст и игра!