Општина Охрид го започна рушењето на нелегално изградениот ѕид на една од плажите во авто-кампот „Градиште“. Охридскиот градоначалник Константин Георгиески информира дека градежен, комунален и инспектор за животна средина утрово извршиле увид, по што било констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување на изградениот ѕид.
„Согласно тоа, денес, започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид“, информира градоначалникот Георгиески на „Фејсбук“.
Локалните власти со багер и градежни работници го уриваат ѕидот, откако претходно на 24 март годинава од општината извршиле увид и составиле записник за нелегално изградениот ѕид. Инвеститорот не ја отстранил сам градбата во законскиот рок, така што општина Охрид ја отстранува дивоградбата на сметка на изведувачот.
Граѓаните викендов реагираа на социјалните мрежи откако се појавија фотографии за тоа како се гради спорниот ѕид на една од плажите во авто-кампот „Градиште“. Од граѓанската иницијатива „Ohrid SOS“ побараа итна акција од општинските власти, критикувајќи го справувањето со дивоградбите.