Општина Сопиште во изминативе неколку месеци испрати повеќе официјални дописи и константно реагира до Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје, за проблемот со нередовниот јавен превоз кој ја „покрива“ нашата општина. Од надлежните бараме континуиран и навремен
јавен превоз, особено на линија 58, но, за жал, сведоци сме дека состојбата останува нерешена.
Веќе неколку месеци, залудно го известуваме ЈСП Скопје за сериозните проблеми со оваа линија, а недостапен за директна комуникација е идиректорот на претпријатието, реагираат од Општина Сопиште.
Подолг период, јавниот превоз на линија 58 не се одвива по утврдениот возен ред, а речиси секојдневно дел од утврдените поаѓања воопшто и не се реализираат, што ги остава жителите на општина Сопиште без соодветна и навремена врска со градското подрачје. Граѓаните не можат да го планираат патувањето за до работа, училиште, на лекар и слично. Оваа ситуација сериозно го нарушува секојдневието на жителите, кои оправдано реагираат и упатуваат жалби до нас.
И покрај нашите постојани апели и напори за средување на состојбата, игнорантското однесување од страна на ЈСП продолжува. За жал, не се преземаат конкретни чекори за подобрување на услугата, а ситуацијата дури продолжува да се влошува.
Во меѓувреме, Општината навремено и во целост ги подмирува финансиските обврски према претпријатието.
Затоа, апелираме до ЈСП и до Град Скопје, како основач на ЈСП Скопје, час поскоро да преземат итни мерки за решавање на овој проблем. Жителите на сите населени места на општина Сопиште имаат право на навремен и безбеден јавен превоз, исто како и сите останати жители на Скопје. Тие заслужуваат сигурен и редовен јавен превоз, како и активно учество во градската мобилност. Се надеваме дека во најкраток рок ќе бидат преземени мерки кои ќе го подобрат јавниот превоз и ќе го решат овој секојдневен проблем на нашите жители, се наведува во реакцијата на Општина Сопиште.
