Унгарскиот премиер Виктор Орбан, потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски е во Будимпешта и дека тамошните власти го обработуваат неговото барање за азил во согласност со домашните и меѓународните закони.
„Никола Груевски поднесе барање за азил до надлежните унгарски власти. Поранешниот македонски премиер ја соопшти својата намера да поднесе барање за бегалски статус во Унгарија“, се наведува во изјавата од премиерскиот кабинет на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесува „Дојче веле“.
Причината за тоа што Груевски не завршил во транзитен центар, согласно унгарскиот закон, туку во Будимпешта е безбедносна, тврдат од кабинетот на Орбан.
„Со оглед дека тој беше повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможија на Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“.
Од кабинетот на Орбан велат дека Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија.
„Добрата соработка меѓу двете земји е важен камен-темелник за развојот на балканскиот регион и на безбедноста во Европа. Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија во меѓудржавните односи, и оттука на ниту еден начин не сакаме да интервенираме во внатрешните работи на суверена земја, и сметаме дека проценката за барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто правно прашање“, се вели во соопштението.
Во соопштението на крајот се потенцира дека до крајот на целата процедура околу Груевски унгарските власти веќе нема да даваат информации на оваа тема.