Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на првата официјална посета на Хеленската Република, по преземањето на функцијата, оствари средба со својот домаќин министерот за надворешни работи на Грција, Николаос Дендиас.
Фокус на разговорот меѓу двајцата колеги, на двете земји соседи беа воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (познат како Договорот од Преспа). Покрај доминантните теми за интензивирање и унапредување на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓу граничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина.
„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакна Османи.
Европските интеграции и сојузништвото во НАТО, секако беа и една од темите на разговор меѓу двајцата хомолози при што во тој контекст, Османи потенцираше:
„Како непосреден сосед кој воедно и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“.
Во насока на засилениот ангажман на двете земји за збогатување на билатералната соработка, за време на официјалната посета на Османи на Грција,се потпишаа три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа наинвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Северна Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.
„Особено ме радува што денешната посета ја крунисавме со потпишувањето на три многу важни меморандуми за соработка. Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно нај-опиплива придобивка за граѓаните. Пред нас стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти: преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, нагласи Османи.
На агендата на Министерот во рамките на официјалната посета на Грција ќе бидат и средбите со Претседателот на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, премиерот, Кирјакос Мицотакис и алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.