Министерот за надворешни работи, Бујар Османи истакна дека формално досега не е добиен Француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите членки на ЕУ, напиша тој на својот ФБ профил.
“Почитувани, иако веќе неколку пати беше посочено во јавноста, сепак дозволете да посочам прецизно:
Прво – формално досега не е добиен Француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите – членки на ЕУ, со кои ние сме во постојана комуникација; оттука нема можност било каков предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела.
Второ – евентуален Протокол, кој се спомнува како веќе готов документ, можеби ќе преставува записник од одржување на Меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е предвидена со Договорот за пријателство од 2017 година. Засега е одржана само една седница на оваа Комисија во 2019 година, и овој записник, кој е единствениот Протокол засега, е јавно достапен веќе три години.
Оттука нема финализиран записник затоа што не е одржана втората седница на Меѓувладината комисија”, пишува Османи.
“Јас секогаш сум одговарал позитивно на поканите за настап на Комисијата за надворешна политика, иако не секогаш таму сум се чувствувал добредојдено и пријатно, ниту, пак, сум наоѓал на соработка кога се работи за сослушување на избраните амбасадори.
Согласно Агендата, согласен сум наскоро да утврдиме термин и да ги преставам сите прашања од домен на надворешната политика, но притоа, да го повикам претседателот на Комисијата, да ја закаже седницата за избор на неколку клучни амбасадори чие упатување непотребно е стопирано преку незакажување седница на Комисијата за нивно сослушување”, напиша министерот Бујар Османи на својот ФБ профил.