Во рамките на престојот во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати на економскиот форум организиран во рамките на Централно Европската иницијатива, на панелот “Поддршка на Украина и решавање на пошироките економски последици од војната во регионот на ЦЕИ“.
Акцентот на учесниците беше ставен на економската и инфраструктурната реконструкција на Украина и како иницијативите како ЦЕИ може да помогнат, со цел справување со пошироките економски последици од војната, промовирајќи го економското и социјалното закрепнување.
Посочувајќи на конкретната помош упатена од Северна Македонија до Украина, во своето обраќање пред присутните на форумот, Османи нагласи дека „едногласната солидарност на секоја држава поединечно, но и на сите земји-членки на ЦЕИ заедно, ги нагласува основните принципи на слободата и демократијата, токму оние принципи за кои се борат украинските граѓани и држава денес“.
Тој се осврна на економските последици од војната и зголемените цени на храна и енергија, при што нагласи дека диверзификацијата на енергетските ресурси, како и енергетската и прехранбената безбедност треба да бидат клучните прашања околу кои треба да се фокусираат заедничките напори.
Османи се осврна и на економските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои оваа година имаат значајно зголемување на трговската размена од цели 52 отсто наспроти истиот период минатата година.
На настанот учествуваа и министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, генералниот секретар на ЦЕИ Роберто Антонионе и други.