Уште осум граѓани, од кои четворица наши, а четворица украински државјани бараат да бидат евакуирани од Украина, информира денеска на редовниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Од 120 мапирани и контактирани наши граѓани, околу 80% се веќе евакуирани. Останати се осум граѓани коишто бараат евакуација, а сè уште се во Украина. Од нив четворица се наши државјани, четворица се украински државјани, но во роднинска врска со нашите – истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи посочи оти во Украина има уште дваесетина наши државјани, но, како што истакна, тие не бараат евакуација оттаму.
Тој додаде дека се обидуваат да ги евакуираат овие осум граѓани кои побарале евакуација, а за преостанатите 20, како што рече, нема да прават напори да ги евакуираат сè додека не добијат барање од нив дека сакаат да бидат евакуирани.
Министерот Османи истакна оти засега нема зголемена бројка на украински државјани кои влегле во земјава од претходно, а ниту еден кој влегол не побарал статус на бегалец.
„Има влез на украински граѓани, но нема поголема динамика од што имало претходно пред војната. Тоа се нормални влегувања на луѓе по број не поголеми од претходните. Некој да побарал статус на бегалец немаме таков случај, но мора да бидеме подготвени на тоа -рече Османи на редовниот неделен брифинг со новинарите.
Министерот Османи денеска пред Владата ќе ги презентира податоците добиени од државните институции за капацитетите за сместување на бегалци кои би дошле од Украина, но и плановите и задолженијата за сите институции кои би биле вклучени во процесот.
Тој не очекува голем наплив украински бегалци во земјава, но, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.
„Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец што ќе стигне на граница. Напротив, ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците -истакна Османи.