Османи: Време е опозицијата да каже на која страна е во овие историски моменти

Сподели

Вицепремиерот Бујар Османи денеска побара од претседателот Ѓорге Иванов да биде конструктивен и да се вклучи во процесот за европска иднина на Македонија и ја повика опозицијата  да каже на која страна е во овие историски моменти.

Османи на прес-конференција во СЕП кажа дека два пати бил кај Иванов на разговори, но оти шефот на државата не одговорил на повиците на Владата и на СЕП за конструктивност.

– “Република Македонија според уставното уредување е парламентарна демократија во која што последниот збор, а особено во донесување на законите го има Собранието, а претседателот е само мал дел од извршната власт којашто нема никакво можно влијание врз улогата на Собранието, а најмалку да биде последниот збор за донесување на таквите одлуки. Постапките на Иванов се на некој начин обид за менување на системот без уставни промени, што е казниво со закон” – рече Османи.

Вицепремиерот на средбите во Брисел изминатите денови, не добил впечаток дека европските лидери се загрижени дека Иванов би можел да го спречи овој историски процес.

–” Не добив впечаток во ЕУ и во Брисел за поголема загриженост бидејќи никој нема да може да го спречи овој историски процес низ кој што поминува државата и регионот, а најмалку господинот Иванов”, рече Османи.

Свесен за историската година на Македонија, како што рече, тој лично два пати бил Иванов и барал, како што рече, „секој да изоди дел од патот“.

– “Да се сретнеме некаде на средина за оваа година, после тоа ќе ги одмрзнеме нашите разлики и ќе правиме политичка битка. Оваа година не смеевме да имаме партиски калкулации. Меѓутоа, господинот Иванов не одговори конструктивно на нашите повици и на СЕП и на ДУИ и на Владата во целина. Останува повикот да биде конструктивен и во овие важни месеци. Лично ако ме прашате не очекувам некаква конструктивност” -рече Османи.

За опозицијата рече дека сега е време таа да каже на која страна е во овие историски моменти кога се одредува иднината на државата.

– “Стратешка определба и на опозициските партии е членството во НАТО и во ЕУ. Консензуална волја на граѓаните вклучувајќи го и електоратот на опозицијата е членство во ЕУ и во НАТО и оттука е време опозицијата да ги разреши сите дилеми кои што ги има во однос на ориентацијата и јавно да ја комуницира јавноста. Ние сме отворени за јавноста и заеднички политики кога се однесува на овие стратешки определби на граѓаните”, рече Османи.

Тој е оптимист дека и референдумот и уставните измени да завршат до крајот на годината.

–” Не очекувам дека опозицијата во овие историски важни моменти да излезе против волјата и стратешката определба на граѓаните за НАТО и за ЕУ” – рече Османи, кој не одговори што ќе се случи доколку тоа не успее.

Вицепремиерот беше дециден дека мисли дека никој нема да ја спречи волјата на 80 отсто од граѓаните кои се за членство во ЕУ и во НАТО.

МИА