По повод 29 години од прогласувањето на независноста и самостојноста на државата, Владата утре од 10 часот на отворено ќе ја организира централната прослава. На свечената прослава ќе се обрати премиерот Зоран Заев.
Свеченоста ќе се одржи во посебни услови согласно со здравствениот протокол на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници, односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.
Пред централната прослава по повод 8 Септември – Ден на независноста, владина делегација ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробиштата „Бутел“.
***
На 8. септември 1991 година, во Република Македонија се одржа успешен референдум по кој беше прогласена независна Република Македонија.
На Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.