Демографијата не мора да биде судбина. Ниту државите во развој мора да продолжат да растат, ниту поразвиените држави, во случајов вклучувајќи ја и нашата, мора да се намалуваат. А, дури и доколку овие трендови продолжат, со секој демографски тренд, колку и да е неповолен, може да се живее – само се потребни вистински политики, пишува Кристијан Фидановски за Республика.
На 15 ноември 2022, светот го доби својот 8-милијардити жител.
Секој од овие осум милијарди луѓе – со исклучок на малкумината кои ги паметат (една од) двете светски војни – памети само времиња на вртоглав раст на светското население. Но, тоа не значи дека светот отсекогаш растел, ниту пак дека ќе продолжи да расте.
До кога ќе растеме?
Во 117-те века помеѓу 10000-тата година п.н.е. и 1700 година од нашата ера, светското население растело со брзина на полжав: по само 0,04% годишно. Се претпоставува дека во еден момент од предисторијата, сме се намалиле на неколку стотина илјади луѓе (помалку од денешно Скопје), доведувајќи се во сериозна опасност од изумирање. Но, за само 124 години помеѓу 1803 и 1927, сме успеале да се удвоиме од една на две милијарди. Неполн век подоцна, нѐ има четирипати повеќе.
Тука доаѓаме до концептот на експоненцијален раст, кој сите одлично го совладавме за време на пандемијата. Како што секој новозаразен од КОВИД-19 предизвикуваше паника поради опасноста да зарази уште неколку други, по што секој од тие неколку други би заразил уште по неколку други, така и секој нов жител на планетата може да создаде уште неколку нови, па секој од тие нови – уште неколку нови и така до бесконечност.
Помислата на истиот овој свет што го знаеме, само со неколкукратно поголем број луѓе во него (и тоа уште во нашиот животен век), е застрашувачка. Ваквите стравови уште пред два и пол века ги чувствувал британскиот економист Томас Малтус, кој сметал дека доколку нешто не се преземе, светското население ќе продолжи да расте со константна брзина, со што многу скоро ќе достигне неодржлива бројка.
За среќа, одамна знаеме дека Малтус не бил во право. Во манир на (стереотипен) квантитативец, Малтус, но и голем дел од „неомалтусијанските“ следбеници, кои дури и до средината на 20-тиот век доминирале во демографската наука, ги следеле „бројките“ без да го земат предвид човечкиот фактор. Човекот, барем од овој аспект, е рационално битие. Одлуката на просечниот жител на една неразвиена средина (било цела држава било дел од неа, било денес било во минатото) да има четири или повеќе деца е всушност сосема рационална за тој поединечен жител, колку и да е погубна за светот во целина.
Ако самиот си ја произведува храната од која што живее, тогаш е во негов интерес да има што е можно повеќе пара раце што ќе му помагаат во тој процес; дополнително, ако знае дека има сериозни шанси да загуби барем едно дете пред тоа да може да му помага на нива, тогаш има смисла да создаде што повеќе.
Но, во една развиена средина, она што дотогаш било рационално станува ирационално – и обратно. Родителот не мора да се грижи кој ќе му работи на нива и дали неговите деца ќе ги преживеат првите години од животот, но мора да се грижи дали вложува доволно во нивниот квалитет (наместо квантитет), бидејќи за тие деца (а со тоа и семејството во целина) да можат да просперираат во една развиена средина, мора да бидат соодветно школувани. Па така, денес знаеме дека навидум незапирливиот раст на населението, кој Малтус сакал да го сузбива со драконски мерки како присилна стерилизација и сексуална апстиненција, запира сам по себе како резултат на поширокиот социоекономски развој.
Дали навистина сѐ уште растеме?
Во моментов, светското население сѐ уште расте. Демографите се согласни дека така ќе биде до крајот на овој век, иако не можат да се договорат точно до кога. Уште поважно, согласни се дека во некој момент – најверојатно уште во животниот век на некои од нас – ќе почне да се намалува. Единствено не знаат дали тоа ќе се случи откако ќе достигнеме 9, 10 или можеби 12 милијарди жители – бројки кои сепак се многу поблиску до сегашната состојба отколку до Малтусовата дистопија.
Но, според една малку посложена дефиниција, светот уште сега се намалува. Постојат проценки дека бројот на деца од 0-14 години веќе е во опаѓање, што значи дека актуелниот „раст“ не се должи на бројот на нови жители, туку на подолгиот животен век на генерацијата која денес е стара. Ваков е случајот во повеќето западноевропски држави, како на пример Германија, која освен поради тоа што луѓето живеат подолго, расте и поради бројот на имигранти.
Извор: pexels.com
Дополнително, некои држави веќе се намалуваат според обете дефиниции. Јапонија (третата светска економија), на пример, се намалува уште од 2010, а само во последните две години има загубено преку 600 000 жители (едно цело Скопје). Нам многу поблиска ни е тажната приказна во (најголем дел од) источна Европа, каде се наоѓаат девет од десетте најбрзоопаѓачки населенија во целиот свет. Од распадот на социјализмот наваму, Бугарија, на пример, има загубено повеќе жители (што поради високата емиграција, што поради нискиот наталитет) дури и од жариштето на југословенските војни, Босна и Херцеговина.
Од Малтус до Маск
Парадоксално, само неколку децении по крајот на доминацијата на (нео)малтусијанската школа, човештвото веќе оди во спротивната крајност и почнува да се грижи дека станува премало. Ваквите гледишта, засега, се поприсутни во мејнстримот отколку во науката, но сепак привлекуваат огромно внимание. Бизнисменот Илон Маск, на пример, честопати ја изразува својата загриженост – пред своите милиони фанови на друштвените мрежи – за потенцијалното изумирање на човештвото на среден или долг рок (анг. population collapse).
Ваквите стравови се подеднакво неубедливи колку и Малтусовата параноја за неконтролиран раст. Просечната светска стапка на наталитет моментално изнесува 2.39 деца по жена. Од една страна, неа ја „креваат“ држави (главно во субсахарна Африка) со низок степен на социоеокономски развој и просек од барем 4 деца по жена.
Со оглед дека наталитетот се има намалено во буквално секоја држава (иако во различна мера и со различна брзина) која досега достигнала висок степен на општествен развој, би било неразумно – некои би рекле, дури и расистички – да очекуваме овие држави засекогаш да го задржат својот висок наталитет. Маск е во право дека во некој момент светот (најверојатно) ќе почне да се намалува.
Од друга страна, високиот социоекономски развој не мора да значи тотален крах на наталитетот. Дури и некои од најразвиените светски држави, како на пример Шведска и САД (со исклучително различни економски системи), имаат стапки на наталитет од преку 1.6 деца по жена, што не е далеку од „потребните“ две за да се одржи еднаков број население. „Алармистите“ како Mаск можеби ги загрижуваат стапките од 1.2-1.4 деца по жена во држави како Јапонија и Италија, но мнозинството демографи се согласни дека кога овие држави би ја имале шведската социјална држава (пр. долго и платено породилно отсуство, достапни и квалитетни градинки) и/или американскиот висок степен на имиграција, а со малку политичка волја можат да ги постигнат и двете, наталитетот брзо би пораснал.
Извор: ourworldindata.org
Впрочем, речиси во секоја развиена држава, луѓето во просек и натаму посакуваат 2 деца – треба само политичарите да им помогнат да си ги остварат желбите.
Ни Малтус, ни Маск
„Идеалната“ големина на светското население е веројатно некаде на средина: не чини ниту екстремно многу луѓе ниту екстремно малку. Најголем дел од државите во светот не се ниту во првата ниту во втората категорија (и најверојатно нема ни да се најдат таму во догледно време), што значи дека 8-милијардитиот жител во светот не е ниту добра, ниту лоша вест. Сепак, иако дефинициите се донекаде субјективни, бројот на (самопрогласени) пренаселени и премалку населени држави е доволен за демографската наука да се впушти во потрага по (итни) политички решенија за овие спротивни проблеми.
Дури и ако нема никаков сомнеж дека кога државите во развој ќе се (до)развијат, нивниот наталитет ќе опадне, таквиот развој треба да се забрза. Освен целокупна политичко-општествена поддршка, потребни се уште поголеми (меѓународни) инвестиции во нивното образование (вклучително и сексуално) и континуирана борба за поширока достапност на современи средства на контрацепција. Во спротивно, населението во овие држави ќе продолжи да се згуснува и да ја намалува достапноста на прехранбени и други основни производи.
Тажната иронија е што климатските промени, кои во голема мера се предизвикани од најразвиените држави (речиси 50% од издувните гасови во светот доаѓаат од најбогатите 10% од светското население), причинуваат најголема штета врз најнеразвиените држави (повторно, главно во субсахарна Африка), кои имаат најголем ризик од екстремно високи температури, поплави и пожари. Ваквиот коктел на пренаселеност и климатска преоптовареност, зачинет со диспропорционалниот број млади луѓе (поради високиот наталитет и релативно нискиот животен век) ја амплифицира опасноста од политичко незадоволство, кое неретко прераснува во насилен конфликт.
Проблемот со ниска населеност, пак, е помалку загрижувачки во моментов, но со оглед на очекуваниот пад на населението во светски рамки на среден или долг рок, стравовите на Маск ќе стануваат пооправдани. Иако речиси сигурно нема да изумреме како човештво, војната во Украина нѐ потсети дека никој не треба да се потсмева на геополитичките стравови на „малите“ држави, особено не на оние со големи – а демографски ранливи – соседи. (Русија, уште пред војната, имаше загубено четири милиони жители oд својот демографски максимум (анг. peak), кој го достигна во далечната 1993 година.)
Каде сме тука ние?
Македонија е несомнено во фаза на депопулација. Со стапка на наталитет од околу 1.3 деца по жена, негативен природен прираст (повеќе починати отколку родени лица) уште од предпандемиската (!) 2019 година и континуирано високи стапки на емиграција, нашата држава е типичен пример за источноевропската демографска болка објаснета погоре.
Но, демографската состојба е (во нашиот случај, отежнувачка) околност, а не исход. Доколку сакаме повисок наталитет, потребни се поквалитетни градинки со пократки листи на чекање, а не би биле на одмет и повисоки детски додатоци. Дополнително, секоја новодонесена политика би требало да важи за сите деца – наместо, да речеме, само за трети – и да биде придружена со јавен наратив базиран на докази за социоеокономските последици од депопулацијата, наместо со евтини национал-конзервативни кампањи.
А, таквите социоекономски последици ги има многу. Емиграцијата, на пример, одзема главно млади и работоспособни жители, што ја ослабнува работната сила и го намалува размерот на вработени и пензионери. Oва дополнително го оптоварува веќе критичниот пензиски систем, но и сите останати јавни институции (пред сѐ здравствените) кои ги користат главно постари лица, а за кои државата има сѐ помалку даночни приходи (прилагодено на инфлација) од кои може да ги финансира.
Освен преку повисок наталитет, кој и онака овие проблеми би ги можел да ги ублажи дури дваесет години отсега, и тоа само доколку тие идни млади луѓе гледаат доволно перспектива во државата за да останат во неа, ваквите прашања можат да се решат и преку имиграција и/или подолг работен век. Меѓутоа, интерес за имиграција во Македонија речиси и да нема, а и кога еден ден би имало, прашање е колкав би бил домашниот политички апетит за неа, особено кога се работи за имигранти од помалку блиски националности и раси.
Прашањето за зголемување на возраста за пензионирање, пак, иако одамна стана тренд во Европа (последен пример е Швајцарија минатиот месец), а бездруго е демографска неминовност со оглед на растечкиот животен век, кај нас воопшто не е на политичката агенда.
Демографијата не мора да биде судбина. Ниту државите во развој мора да продолжат да растат, ниту поразвиените држави, во случајов вклучувајќи ја и нашата, не мора да се намалуваат. А, дури и доколку овие трендови продолжат, со секој демографски тренд, колку и да е неповолен, може да се живее – само се потребни вистински политики.