Денеска, по повод свеченото откривањето на спомен биста на македонскиот великан Гоце Делчев во Пустец, во Албанија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава.
“Заедно со Македонците во Албанија ја штитиме и промовираме македонската култура и историја. Нашите сограѓани Македонци се непоколебливи во битката за напредни, европски и демократски држави во регионот.
Со македонските здруженија од Албанија и Србија денеска во Пустец ги потврдивме нашите заеднички заложби за унапредување на правата на Македонците во овие држави, за придонесот во негувањето на добрососетските односи и за промовирањето на европските вредности.
Пред нас стојат многу предизвици, но духот и желбата на нашите сограѓани ми влеваат доверба дека заеднички можеме да постигнеме многу, и за нас и за идните генерации. Согласни дека единствена алтернатива за нашите држави се европските интеграции, за да можеме да придонесеме во градењето стабилен и економски силен регион.
Ја продолжуваме соработката со нашинците надвор од границите. Тие се сврзно ткиво во заштитата на македонската култура и на македонскиот идентитет”, изјави министерката Стојчевска.