Отпис на камати за 150.000 лица од ранливите категории

Сподели

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска на прес-конференција го презентираше Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на КОВИД-19, чиј текст беше утврден на денешната, 83-та седница на Владата. 

Истакнувајќи дека со овој Закон како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, вклучен во петтиот пакет мерки, Владата уште еднаш ја потврдува грижата за граѓаните и социо-економските последици кои ги почувствуваа поради пандемијата со КОВИД-19.

Премиерот Заев посочи дека со Предлог-законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на законот.

Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон. Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.

„Како Влада, немаме право да им наложиме на приватните компании ваква законска обврска, но и во законското решение и од оваа прес-конференција, упатуваме порака да го следат овој пример на доброволна основа, и со тоа да демонстрираат општествена одговорност и да им излезат во пресрет на граѓаните и со тоа да покажат разбирање за причините поради кои тие задоцниле со плаќање на нивните обврски кон нив. Верувам дека тоа позитивно ќе се одрази и во нивните биланси, а ќе биде и во интерес на граѓаните“, рече премиерот Заев.